Со собирање донации од хуманите граѓани ОО на Црвен крст Штип ја започна неделата на гладта

Со активности за собирање на прехрамбени производи, но и финансиски средства ОО на Црвен крст Штип започна со одбележување на неделата на гладта која е во периодот 16 до 22 октомври. Денеска и утре пред марект во Штип ќе има поставено штанд на кој сите граѓани можат да донираат храна или финансикси средства, а истите понатаму ќе бидат распределени на семејства на кои тоа им е најпотребно. Годинава оваа недела се одбележува прилагодено на можностите мерките и пртоколите кои се дозволени со цел заштита од корона вирусот.

„Организираме низа активности преку кои се трудиме да ја ублажиме појавата на хроничен глад која за жал е присутна секаде во светот, па не не одмина и нас. Со цел да доставиме што може повеќе пакети со основни продукти до што повеќе скромни семејства во нашиот регион конкретно Штип и Карбинци овие два дена организираме собирна акција односно имаме отворено донациски пункт, каде сите оние граѓани кои што имаат можност и желба може да донираат некој прехрамбен продукт или парични средства“ – кажа Милановска.

Согласно податоците на Светската програма за храна на обединетите нации 690 милиони луѓе живеат во хроничен глад, а дополнителни 130 милиони луѓе можат да бидат потикнати од хроничен глад како последица на пандемијата со ковид 19.

Во меѓувреме денеска се одбележува и светскиот ден на борба против трговија со луѓе. За разлика од 2019 година кога Црвен крст Штип настапуваше со активности поврзани со одбележување на овој ден, денеска заради пандемијата за истиот беше подготвено само видео.

„На 18 октомври гласно кажуваме стоп на трговијата со луѓе, даваме поддршка во глобалното одбележување на истата како Црвен крст. Годинава исто како и минатата година активностите се сведени на кревање на свеста преку дигиталните медиуми“ – додаде Милановска.

Во време на пандемија голема е важноста луѓето да осознаат за можностите кои ги имаат и да стават крај на трговијата со луѓе.

Лаура Стојанова М-Нет