Со положување цвеќе и свечена седница, Кочани одбележува 79 години од ослободувањето

Кочани одбележува 79 години од ослободувањето на градот. По тој повод, а и во рамки на одбележувањето на Денот на независноста, делегација составена од градоначалникот, Љупчо Папазов, и членови на Советот, како и Сојузот на Здруженијата на борци од НОВ, како и претставници на партиите положија свежо цвеќе на Споменикот на слободата и на бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче во Паркот на Револуцијата. Оттаму се упати честитка по повод двата празнични дена – 7. и 8 Септември.

„Честит Ден на ослободувањето на сите мои сограѓани, граѓаните на Кочани! Нека ни е честит Денот на независноста на Република Македонија. Денес во Паркот на Револуцијата и на Споменикот на слободата ние како делегација од Сојузот на борците и повеќе делегации од општината положивме свежо цвеќе, гест со кој им оддаваме почит на оние кои ни ја донесоа слободата, на ослободителите на Кочани кои ги вградија своите животи во олтарот на слободата, како и на сите оние кои учествуваа во создавањето на оваа наша држава“, истакна Славица Цветкова, претставник од Сојузот на борци.

Честитка до граѓаните упати и градоначалникот Папазов, во која стои дека денес е ден во кој треба да упати благодарност до луѓето кои заслужни за многу нешта во минатото, но и ден кој е потсетување на обврските за иднината.

„Почитувани сограѓани,

7 и 8 Септември – ослободувањето на Кочани и независноста на државата – се два големи датума за историјата на Кочани и на Македонија, датуми кога се потсетуваме на нашето историско минато. Денес е денот кога се навршуваат 79 години од ослободувањето на градот Кочани од фашистичките окупатори, ден за да се заблагодариме на луѓето заслужни за денешната слобода која ја уживаме и да се потсетиме за обврските што стојат пред нас. Огромно е задоволството што градиме и се бориме за подобар живот во нашата слободна и самостојна општина и држава. Нека ни се честити празниците, 7 Септември, Денот на ослободувањето на Кочани, и 8 Септември, Денот на независна и суверена Македонија!“ – порача Папазов.

Со почеток во 11:00 часот се одржа и свечена седница на Советот на Општина Кочани, на која се доделија највисоките општински награди.

Ребека Спасова М-Нет