Голема посетеност на концертот „Македонијо, во срце те носиме“ на Плоштадот во Штип

Новоуредениот плоштад „Слобода“ во Штип беше местото од каде вчеравечер со почеток од 20:00 часот тргна концертниот караван „Македонијо, во срце те носиме“. На сцената публиката можеше да види и слушне познати македонски музички имиња, кои исполнија 12 родољубиви песни, кои, како што велат организаторите, беа преработени со цел да им се продолжи векот и да се испрати порака дека треба да се чува она што е највредното

„Можам да кажам дека сите граѓани што ќе дојдат на концертите ширум Македонија, ќе може да слушнат 12 преработки на македонски патриотски песни од маестро Николче Мицевски, а во изведба на нашите најдобри пејачи, Бојана Скендеровски, ДНК, Ламбе, Миле, Наум, Сузана, Зуица, Андријана, сите оние што вредат на музичко поле. Сигурно немаше да бидеме овде ако не беше разбирањето од страна на Општина Штип, којашто на нашето барање за одржување концерт ни одговори позитивно и финансираше одредена сума од Проектот, затоа упатувам голема благодарност до Општина Штип, до градоначалникот, Иван Јорданов, и до сите граѓани коишто вечерва дојдоа да бидат присутни на концертот“, вели Васко Скендеровски, организатор на настанот.

Освен во Штип родољубивите нумери во текот на месеците септември и октомври ќе се отпејат и во Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје. Во пролетните месеци, пак, во рамки на пролетниот караван, ќе се отпејат во уште осум града, меѓу кои Гевгелија, Радовиш, Куманово, Охрид, Ресен, Неготино и Струмица. За реализација на проектот финансиска поддршка дадоа и Општините.

„Не во сите, меѓутоа имаме доста Општини. Исто така имаме и спонзори, коишто финансираа, а се дел од некои општини, оние Општини коишто немаат доволно средства ги покрија со некои спонзори. Имаме и Општини коишто финансираа, но ги одложивме тие концерти за напролет, затоа што напролет ќе имаме уште еден концертен караван од осум града“, додава Скендеровски.

Новиот лик на Градскиот плоштад во Штип, како и самиот концерт насловен „Македонијо, во срце те носиме“, го привлекоа вниманието на штипјани, кои масовно го посетија.

Ребека Спасова М-Нет