
Нова физибилити студија ќе се изработува од страна на експерт, со цел да се укаже на фактот дека градската депонија во Кочани нема капацитет да го собере отпадот од соседните општини. Претседателката на „Греен орг“, Ана Симонова, посочи дека веќе се во фаза на подготовка на новата физибилити студија со која ќе покажат дека депонијата штетно влијае на човечкиот живот и на животната средина. Децидна е дека тоа е единствен начин долгорочно да се реши проблемот со депонирање на ѓубрето од Виница, Зрновци и Чешиново – Облешево на градската депонија во Кочани.
„Сметам дека единствениот пат да се укине носењето на отпад од останатите општини кај нас е токму уште една таква физибилити студија која ќе ги побие сите тие факти и аргументи и која ќе покаже дека оваа физибилити студија кажува дека има штета по човечкиот живот, човечкото здравје, животната средина и нема капацитет да го собере тој отпад од сите тие општини. Сметам дека со ваков настап кој ние веќе го подготвуваме, да ангажираме соодветен експерт кој ќе направи една таква физибилити студија и ќе ја доставиме до Министерството за животна средина ќе побараме свикување на нова седница на Влада.“ – вели Симонова.
Потребна е и едукација кај населението, додава таа. На таков начин отпадот пред да заврши на депонијата ќе биде соодветно селектиран, рециклиран и ќе може да зборуваме за нула отпад. Вели дека ваквите едукации кај населението треба да започнат од најмали нозе.
„Пред се потребна е и едукација како да дојдеме до нула отпад, како да се справиме со тие депони. Најдобро е да се започне и со едукација на граѓаните за селекција, за рециклирање на отпад, затоа што тоа е единствениот пат за да дојдеме до нула отпад. Едукацијата треба да почне многу порано, од градинките, училиштата и понатаму практично да ја применуваме во самите училишта за да стекнеме некакви навики уште од мали нозе“ – додава Симонова.
Во меѓувреме, втора недела по ред се реализира „депонијада“ во Кочани, на патот кој води којн градската депонија. Се пропуштаат само возилата на КЈП „Водовод“ Кочани да го депонираат отпадот од градот, а соседните општини бараат свои алтернативни решенија за нивниот отпад.
Лаура Стојанова М-Нет