Снежните врнежи синоќа предизвикаа проблеми со снабдувањето со струја, затворени патишта

Снегот синоќа предизвика проблеми во снабдувањето со електрична енергија во Штип, Кочани и Делчево, повеќе населби останаа без струја, а во некои населби и утринава нема електрична енергија. Синоќа беше затворен за сообраќај автопатот Свети Николе- Миладиновци, потврди директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов. Од Свети Николе кон Миладиновци беше затворен поради наноси од снег и подмрзнување на коловозните ленти, вели Ангелов. Возилата на клучката кај Миладиновци се пренасочуваа да патуваат кон источна и југоисточна Македонија преку Куманово или Велес. Сообраќајот отежнато се одвиваше и кај селото Павлешинци на патот Куманово- Свети Николе, поради ветерот кој носеше наноси од снег на коловозот. Утринава сообраќајот на автопатот се одвива нормално.