Тиквеш “потона” во Охридското Езеро, Охрид со превисока победа!

Синоќа во “Билјанини Извори” со еден час доцнење за што објави телевизија М Нет, се одигра дербито на колото од групата А од ракометната Суперлига меѓу Охрид и Тиквеш, меч кој заврши со резултат од 36:31. Овој натпревар директно одлучуваше за второто место во групата А од Суперлигата, а Охрид сега има подобар меѓусебен дуел, откако во Кавадарци загуби со 32:30, а вечерва на домашен терен славеше со повисока разлика.

“Гладијаторите” тргнаа со притисок за победа и три бодови во борбата за второто место во групата А.

Охрид одлично го отвори мечот и добро беше поставен во одбраната. На почетокот имаше плус два при 3:1.

Во текот на мечот се играше гол за гол, а Охрид беше тој кој повеќе ја посакуваше победата. Матлиески прв побара тајм-аут, а по истиот Тиквеш и израмни. Во 23. минута “гладијаторите” стигнаа до плус три при 12:9. А потоа на 12:10 и Алушоски побара тајм-аут, по што Охрид одново имаше плус три при 13:10.

Домашниот тим ја продолжи серијата погодоци и стигна до 14:10, а Ѓорѓески беше расположен на голот на Охрид и во вистински момент ја спушташе “ролетната” на својот гол.

Во последните пет секунди Тиквеш се обиде да реализира, но Ѓорѓески успешно интервенираше и на полувреме Охрид замина со четири гола предност односно 15:11.

Во вториот дел Охрид продолжи со одличната игра, а на стартот имаше предност од 17:13, а потоа стигна и до 19:14.

“Гладијаторите” продолжија да ја полнат мрежата на противникот од Кавадарци, а водството на Охрид стигна до 21:15. Во 40. минута од мечот Охрид дојде до плус шест кога резултатот на семафорот беше 23:17. Во последните 15 минути од дербито кое се играше во “Билјанини Извори”, Охрид ја одржуваше разликата од плус шест гола.

Во 47. минута Гал Цирар со два брзи гола направи разлика од плус осум за Охрид, а тоа предизвика ерупција на трибините кај домашната публика и верните “рибари”. На пет минути до крајот Ојлески погоди за 34:25 односно за предност од девет разлика. На крај конечниот исход од дербито во „Билјанини Извори“ беше 36:31.

Цирар беше најдобар кај Охрид со девет гола, а по седум гола постигнаа Шешиќ и Орјоникидзе, а домашниот голман Ѓорѓески беше одличен меѓу стативите. Кај Тиквеш најдобар беше Стафановиќ со седум погодоци, а по пет постигнаа Манасков, Обина и капитенот Симиќ.

Во следното коло Тиквеш ќе гостува кај Скопје, а пак Охрид кај Аеродром.

Тиквеш останува втор со 30 бодови, а пак Охрид и понатаму е трет на табелата со 27 бодови, но „гладијарорите“ со две победи до крајот, и пораз на Тиквеш од Алкалоид ќе се надеваат на второто место.

АВТОР: Александар Ванев