
Струја, дрво или пелети – граѓаните и годинава одбирааат што е најповолно за претстојната грејна сезона. На средина на летово дел од нив веќе се подготвиле за зимата, ама велат дека од својот џеб морале да издвојат изгор-високи суми. Ако се греете на дрва, тоа не може да ве чини помалку од 30.000 денари, велат штипјани, а цената на струјата и онака веќе е покачена.
Годинава цените на струјата и пелетите ги зголемува и повисокото ДДВ, од 5 на 18%, со што граѓаните мора да плаќаат повисоки суми за 13%.
Од Регулаторна при новата пресметка на цената на струјата посочија дека се обиделе да го амортизираат покачувањето. Претседателот Бислимовски тогаш рече дека истото ќе влијае над 7%.
Со повисоко ДДВ кај пелетите, пак, граѓаните кои се греат на пелети ќе треба да издвојат уште најмалку 6.000 денари од својот џеб. Ако минатата година за тон пелети се плаќало од 280 до 300 евра, оваа сума сериозно ќе се зголеми. Цената ќе биде повисока во септември кога и вообичаено пелетите достигнуваат повисока цена поради побарувачката пред грејната сезона.
Ова би можело да ги натера граѓаните да се вратат на стариот начин за загревање со печки на дрва, но и таму ситуацијата не е многу подобра оти цената на дрвото се движи околу 5.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет