
Подобро да се превенира отколку да се интервенира. Под ова мото ДПД Кочани спроведува неколку активности со цел да ги предупреди граѓаните за опасноста од пожари на отворено. Во последната активност беа вклучени тројца членови и едно возило, а се спроведе на локацијата викана Белска кривина, на потегот кон Осоговските планини.
„ДПД Кочани изминатиов викенд презеде акција за делење флаери на два пункта на територија на општина Кочани кои водат до планинските места во соработка со ОВР Кочани и „Национални шуми“. Во иднина се планираат уште неколку вакви акции сѐ со цел да се спречат појавите на шумски пожари од кои имаме значителни загуби и штети на природата“, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД Кочани.
Во ек на високи температури, ДПД Кочани, за среќа, досега немало ниту една интервенција на пожари. Периодов имале само неколку технички интервенции, па Илијев се надева дека сѐ ќе остане само на тоа, затоа е и апелот до граѓаните.
„Имавме неколку технички интервенции со дотур на вода на одредени рурални средини каде што веќе нивото на водата е ниско и резервоарите се празни. Значи, активноста на ДПД Кочани е зголемена, меѓутоа се надеваме дека сѐ ќе остане во најдобар ред, односно техничките интервенции ќе бидат спроведувани и се надеваме дека во иднина ќе немаме поголеми пожари на отворено, односно и шумски пожари, така што техничките интервенции се од природен карактер и се надевам дека сѐ ќе остане на тоа“, додаде Илијев.
Активностите на ДПД ги поздрави и Општина Кочани. Од таму упатија благодарност за целокупната заложба.
„Општина Кочани упатува благодарност и ги поздравува активностите на Доброволното противпожарно друштво – Кочани, коишто се насочени кон превенирање на последиците од високите температури и топлотниот бран. Ваквите активности наидуваат на поддршка од граѓаните, што влијае позитивно на мотивацијата во ДПД, помага за регрутирање нови членови и ја јакне соработката со заедницата.“ – велат од Општината.
ДПД Кочани е формирано по огнената стихија која го зафати градот во 2021 година. Брзо обезбедија опрема, материјални и човечки ресурси и сега заложбата е кон понатамошен развој и промоција на безбедност и вистински вредности.
Ребека Спасова М-Нет