Пожарот од штипската депонија се прошири на околу 40 хектари, пожарникарите го локализираа

Пожар од штипската депонија „Трештена скала“ зафати и нискостеблеста вегетација и се прошири во поголеми размери. Од Регионалниот центар за управување со кризи – Штип информираат дека пожарот започнал во 13:25 часот, но се проширил надвор од депонијата и е зафатена ниска вегетација. Најпрво интервенирале шест пожарникари со две возила од ТППЕ Штип, но подоцна се повикани и останатите пожарникари за да интервенираат во гаснењето на пожарот. Командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев, информира дека пожарот е локализиран.

„Во моментот пожарот од депонијата до селото Софилари е локализиран со четири возила и 14 пожарникари. Останува уште кај местото Пенуш, сега оти екипа на самото место, се комплетираме таму и мислам дека за кратко време ќе го локализираме пожарот. Остануваме на терен се до негово ликвидирање“, истакна Коцев.

Иако имаше информации дека ќе биде потребна помош од пожарникарски екипи од соседните градови, Коцев вели штипските пожарникари се во доволен број и се справиле со пожарот. Пожарот е локализиран, но за негово ликвидирање е потребно уште време.

„Еве, и сами гледате колку е ветерот силен, така што дојде до потешкотии за гаснење од ветерот“, додава Коцев.

Нема загрозени објекти, ниту земјоделски површини. Гори нискостеблеста шума, сува трева и смрека. Пожарникарите спречија огнот да зафати и дваесетина декари жито, а според проценките на Коцев пожарот зафати површина од четириесетина хектари, па и повеќе.

Ребека Спасова М-Нет