
Насилството расте. Секој ден нови случаи, во домовите, на улиците, меѓу најблиските. Се зборува сѐ повеќе, но се случува уште повеќе. Граѓаните велат – се живее во време каде што насилството станува „нормална“ појава, а тоа не смее да се прифати. Денешниот ден е тука да нѐ потсети: жртвите не смеат да останат сами. Насилството не смее да се игнорира. Секој има право на живот без страв.
Граѓаните велат дека зад насилството често стојат слабите финансии, секојдневниот стрес и општата неизвесност. „Луѓето се нервозни, живеат тешко, и сето тоа преминува во агресија“, истакнаа соговорниците.
Бројот на умрени лица од насилна смрт минатата година е зголемен за 24 проценти во однос на 2023-та. Од вкупно 511 умрени лица, над 68 проценти се мажи, а најчеста причина, во 78,5 проценти од случаите се несреќни случаи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во структурата на умрените од насилна смрт според полот, како и во претходните години, и во 2024 година поголемо учество имаат машките лица, и тоа 68.1 %, а 31.9 % жени.
Најголемо учество во вкупниот број на случаи на насилна смрт имаат несреќните случаи, кои учествуваат со 78.5 %, самоубиствата со 17.4 % и убиствата со 4.1 %.
Во категоријата несреќни случаи, најголемо учество имаат умрените лица од други надворешни причини за случајна повреда со учество од 38.0 % во вкупниот број на случаи од насилна смрт.
Иван Митев, М-Нет