
Фактичката состојба во штипската клиничка болница во однос на заболени од КОВИД 19 се менува на дневна основа. Бројките на пациентите секојдневно растат и веќе има пациенти и од околните градови и тоа Свети Николе, Пробиштип, Кочани, Чешиново-Облешево, Пехчево, Берово.
Во моментот на Инфективно одделение во Штип има 54 пациенти со потврдена корона инфекција, од кои околу седум пациенти со посериозна клиничка слика и имаат потреба од респираторна поддршка. Останатите се со стабилна клиничка слика. Дел од пациентите кои се без симптоми се испраќаат на домашно лекување, за ослободените кревети да се оспособат за нови пациенти.
–Знаете, ние сме центар за борба со Корона, можам да кажам дека буквално нема град од Источна Македонија од каде немаме пациент од таму, а реков имаме 54, доколку се случи да дојде нагло голема бројка да ги пополни нашите капацитети, ние во договор со министерот тоа го расчистивме дека секој случај којшто има потреба за болнички третман ќе биде преупатуван во друга здравствена установа. Дали тоа ќе биде инфективна клиника, дали „8 Септември“, дали Козле, дали болницата во Кочани. Значи, ќе се најде решение за секој кој евентуално би имал потреба од хоспитализација – изјави д-р Горгијев.
Поради наглото зголемување на бројот на заболени од КОВИД 19 и новите кластери во Штип, директорот на штипската клиничка болница упати апел до граѓаните да се заштитуваат. Д-р Горгијев истакна дека основните мерки – маска, дезинфекција и дистанца мора да се практикуваат.
Што се однесува до пациентите кои имаат потреба од третман во инфективното одделение, меѓутоа кои не се заболени од КОВИД 19, доколку имаат потреба од болничко лекување ќе бидат упатени на Одделението за кожни болести.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ