
Во непосредна близина на Детското Одделение при Клиничка болница Штип, од септември е предвидено да биде поставен мобилниот ковид центар.
Оваа одлука била донесена по денешната обиколка во кругот на клиничка болница од страна на градоначалникот Благој Бочварски со тимови од јавните претпријатија „Стипион“ и „Исар“. Заклучено е дека ќе бидат потребни минимални корекции на теренот за да се постави подлога за монтажни бараки.

Ова го истакна директорот на Клиничка болница Штип, д-р Ален Горгијев, кој додаде дека се во постојана комуникација со ресорното министерство.
Ќе аплицираме во септември да го добиеме оној модул, оние монтажни бараки со дополнителни лежаи, бидејќи знаете го очекуваме од есен ударот, покрај корона инфекцијата ќе се појават и оние сезонски инфекции, грип и т.н. , да го зголемеме капацитетот на нашата болница. Ќе се трудиме некаде околу 50 кревети плус набавиме со тие монтажни бараки. И водоводната и канализациската мрежа се блиску, со мали интервенции ќе можат да го приклучат тој целиот проект на постоечката мрежа – рече директорот д-р Горгијев.

Што се однесува до медицинскиот кадар кој ќе биде одговорен и за монтажната ковид болница, д-р Горгијев истакна дека во почетокот ќе се обидат да менаџираат со сопствен кадар, а доколку се појави потреба од поголем број медицински сестри или доктори, ќе побараат помош од Министерството за здравство.
-Ние се наоѓаме во една исклучително тешка состојба, бидејќи имаме голем дел, да не речам 10 проценти од вработените коишто ги искористија мерките на Владата за борба со Корона во смисла на мали деца, во смисла на хронични болести и т.н , имаме како што знаете и тројца од нашиот средно медицински кадар којшто е на испомош во болницата во „ 8 Септември“ и буквално нема оддел во болницата од којшто немаме позајмено сестри и болничар, се` со цел да имаме доволно кадар и да ја пратиме оваа новонастаната ситуација со максимален број на хоспитализирани пациенти од почетокот на кризата со оваа Корона инфекција. Имаме кадар од сите оддели кој ротира во зависност од потребите на нивните матични оддели – истакна д-р Горгијев.
Што се однесува до конечниот број на кревети во мобилниот ковид центар, истиот ќе зависи од бројот на заболените кој ќе го донесе таканаречениот „втор бран“ од КОВИД 19, но и сезонскиот грип.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет.мк
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ