
Се повеќе се среќаваат питачи на улиците низ Штип. Питачите раскажуваат дека со неколку илјади денари месечно не можат да обезбедат ниту струја, ниту вода, ниту парче леб за своите деца и внучиња. Пред камерите на М-Нет Телевизија сведочат дека децата ги хранат собирајќи храна од контејнери, додека други, без образование и работа, секојдневно молат за помош за да ги прехранат своите семејства. Млади мајки, оставени без поддршка и без можност за вработување, сведочат дека нема кој да им ги чува децата, па животот ги турка кон улицата.
„Да добивам од државата 8.000 денари ми даваат. Не се доволни, кирија плати, струја плати. Имам 9 дечиња. Ги ранеме од канти, како не ги ранеме? Од канти шетаме и ги ранеме. Немам работено, немам школо, ми велат дека бидејќи немам школо не можам да работам. Помош бараме да ни се дава, да ни се помага, да ни прават, толку од мене.“
Во време кога животот станува се поскап, улиците на Штип се полнат со луѓе кои преживуваат на работ на егзистенцијата, принудени лебот за своите деца да го бараат по контејнери и со испружена рака пред минувачите.
„Единаесет илјади земам. Затоа што нема работа, тоа 11.000 денари, дали да плаќаш струја, дали дали да плаќаш вода, или за јадење, јадење за деца, нема шански, мајче, не можеш. Три машки и една ќеркичка и пет внучиња. Во широк дол живеам.“
„Две. На 16 години ги родив. Нема каде да одам на работа. Не нема кој да ги чува децата.“
Питачите се повеќе ги полнат улиците во Штип, мнозинството земаат 8.000 денари социјален надоместок, кои велат дека не е доволен.
Дајана Сандева, М-Нет