
Уште по едно казино, салон за покер и спортска обложувалница наскоро ќе бидат пуштени во употреба во штипското централно градско подрачје.
Новото казино во Штип ќе се приклучи на останатите дваесетина најголеми казина во државата, кои лани имале обрт од неверојатни близу 250 милиони евра.
Дали Штип како географски и економски центар во Источниот регион ќе го понесе приматот на место со најголем број на обложувалници, казина и салони за покер? Ова лидерство на југот од државата го држи Гевгелија, во која според број на население има најголем број на обложувалници.
Според информациите на М-Нет и во Штип ќе се етаблираат најголемите инвеститори во овој бизнис, а тоа се фирми од Австрија, Лихтенштајн и Холандија, кои почитувајќи го нашиот законот за игри, за содружник акционер мора да ја има РС Mакедонија.
Во раните деведесети години ги паметиме двете единствени коцкарници во градот под Исарот, тогаш популарните Сеизов, лоцирани кај штипското корзо и подоцна стационираната коцкарница кај киното, беа единствените места за надеж и потрага по лесни и брзи пари.
Денес во Штип бројот на коцкарниците е за четири пати зголемен, факт кој не кореспондира со зголемувањето на бројот на жителите.
Отворањето на ново казино ќе го поптикне коцкањето, пракса која според социолозите станува пренагласена. Обичниот граѓанин заслепен од магијата на Лас Вегас, не може да ја сфати феноменологијата на оваа појава. Како што се намалува животниот стандард во земјава, така се зголемува бројот на луѓе кои се надеваат дека ќе добијат во некоја игра на среќа и кои се подготвени да ги дадат и последните пари за да се обложат во спортска обложувалница, казино или салон за покер.