Двоен удар на економскиот систем и неликвидните правни субјекти

На сите филијали во регионов – раздвиженост. Дел од штедачите подигаат депозити. Нарушената доверба кај штедачите во банкарскиот систем се покажа како оправдана. Пред филијалите на сите банки огромни гужви. Така ќе биде до четврток, до кога е предвиден трансферот на штедачите од Еуростандард банката и Македонски пошти во друга банка по нивен избор.

Иако од Народната банка на Македонија постојано нагласуваат дека  стечајот на Еуростандард банка воопшто нема да го наруши банкарскиот систем, бидејќи пропаднатата банка во вкупниот банкарски систем учествувала само со едвај 1,3 проценти. Наспроти  тврдењата на Гувернерката, со свои контра аргументи истапуваат економските стручњаци, кои велат дека состојбата е многу посериозна од минорниот приказ на процентуална загуба.

Според економистите, затворањето на Еуростандард банка го прикажа двојниот удар врз целокупниот систем, особено врз банкарскиот систем. Штедачите, физичките лица и особено правните сублекти ќе останат неликвидни поради фактот што доколку сакаат нормално да функционираат во новоизбраната банка, на своја трансакциска сметка ќе мораат да внесат нови финасиски средства.

 „Тие правни субјекти не можат да располагаат со парични средства се до моментот на отворање на стечајната постапка на Еуростандард банка и после тоа. Тоа значи дека нивните сметки ќе останат замрзнати, истите субјекти ќе останат неликвидни. Ова е двоен удар не само на банкарскиот систем туку и врз системот воопшто, финасиски, економски и слично“.

Гоце Глигоров

Најзасегнати, а поради тоа и најприсутни пред филијалите на ликвидните банки денес беа пензионерите, кои велат дека процедурата на префрлање се одвива лесно и брзо.

Економистите потсетуваат дека состојбата на одмрзнување на средствата на штедачите во Еуростандард банка ќе се одолговлечи и покрај фактот што за Октомври е закажано првото стечајно рочиште.