
Расте интересот кај штипските фирми за систематски прегледи на своите вработените во Здравствениот дом „Д-р Панче Караѓозов“ во Штип, каде што периодов се во тек систематските прегледи на работниците. Во рамки на установата функционира служба за медицина на труд, која врши превентивни систематски прегледи, но и издава лекарски уверенија за вработување. Директорот Горан Андонов за М-Нет телевизија посочи дека се повеќе работодавачи ги препознаваат квалитетот и услугите на установата и се одлучуваат прегледите да ги направат токму овде. Во моментов службата располага со двајца специјалисти по медицина на труд, кои ги спроведуваат прегледите. Од установата посочуваат дека имаат капацитет да одговорат на потребите на работодавачите и да обезбедат квалитетни систематски прегледи.
,,Да, во склоп на нашата институција Здравствен дом ,,д-р Панче Караѓозов“ во Штип, работи службата медицина на труд, која што врши превентивни систематски прегледи и на вработени. Исто така издаваме лекарски уверенија за вработување, така што интересот е во пораст од страна на работодавачите да ги извршат прегледите на нивните вработени во оваа институција, бидејки го имаат препознаено нашиот квалитет. Моментално имаме двајца специјалисти по медицина на труд, така што можеме да ги задоволиме потребите на работодавачите за да се спроведе квалитетен систематски преглед.“, вели Андонов
Колку често работниците треба да одат на систематски прегледи зависи од проценетиот ризик на работното место, вели Андонов. Доколку станува збор за работни места со зголемен ризик, рече дека прегледите се вршат еднаш годишно, односно на секои 12 месеци, додека кај работните места без зголемен ризик се прават на секои две години, додава тој.
,,Превентивните здравствени прегледи кај вработени се прават во зависност од проценетиот ризик. Доколку станува збор за работни места со зголемен ризик се прави на 12 месеци, доколку станува збор за работно место без зголемен ризик се прави на две години.“, додава Андонов
Редовните систематски прегледи се особено важни за навремено откривање на евентуални здравствени проблеми кај работниците, но и за следење на нивната здравствена состојба и заштита на работното место.
Иван Митев, М-Нет