
Ситуацијата со ковид заразените не содржи алармантни ковид – бројки, истакна Министерот за здравство, Беким Сали, според кој, се наоѓаме во жолта зона од пандемијата. Иако бројките се зголемуваат, не станува збор за пациенти со тешка клиничка слика, па нема оптовареност на системот. Бројот на хоспитализации е мал, а нема пациенти ниту на интензивна, ниту зависни од кислород.
„Ние забележуваме секојдневно благо зголемување на број на новоинфицирани во државата. Скопје сè уште е жариште, односно црвена зона. Меѓутоа, тоа е црвена зона по однос на новозаразени лица, но од аспект на оптоварување на системот сè уште сме во жолта зона. Можам да дадам и бројка, околу 100 пациенти или помалку од 100 пациенти се во сите инфективни одделенија во државата. Ова според искуството од минатото вели дека сè уште сме во жолтата фаза од развој на пандемијата“, вели Сали.
Според искуството на претходните четири брана, коишто траеле секој по осум недели, идната недела ќе бидеме во четвртата недела од овој бран, што би требало да подразбира дека сме пред пикот. Вака Сали ја објаснува ситуацијата, меѓутоа потенцира дека со ковидот никогаш не сме на сигурно, а особено треба да се внимава поради туристичката сезона.
„Засега динамиката, според којашто се движиме како општество, нема загрижувачки бројки. Меѓутоа, да напоменам дека е период на зголемено движење на туризам, односно наши граѓани одат во странство и странци доаѓаат кај нас. Овие зголемени прекугранични придвижувања се ризик сами по себе за зголемување на бројот на новоинфицирани
Комисијата за заразни болести денес повторно се состана и разговараше за моментата ковид – ситуација и соодветно за тоа дали се потребни или не превентивни ковид – мерки. Според Сали, Комисијата има план кој би требало да се имплементира доколку дојдеме до одредена бројка. Во моментов предлог – решението е адаптација на капацитетите и матичните лекари во петте амбуланти, доколку се стигне до бројка на црвена зона. За тоа која бројка би означувала црвена зона ќе се дискутира на состанокот на Комисијата за заразни болести.
Ребека Спасова М-Нет