
Кривична пријава против Соња Дамјанова, управител на две фирми од Делчево, беше првата кривична пријава во историјата на текстилната индустрија. Случајот заврши позитивно од Основниот суд во Делчево, но штипска Апелација утврди дека нема кривично дело. И покрај тоа што Здружението „Гласен текстилец“ беше оптимистично дека кривичното гонење ќе премине во пракса, разочарувањето пристигнало од Апелациониот суд во Штип.
„Она со што се гордеевме изминатиов период, односно неколку пракси коишто сакавме да отпочнат, посебно со кривично гонење на работодавачите, очигледно за наша штипска Апелација не е битно. Делата од КЗ, „повреда на права од работен однос“ и „фалсификување исправа“, очигледно за нив се во ред, не се прекршување на КЗ, па на некој начин како да сакаат да ја исклучат од кривично гонење Соња Дамјанова, како управител на двете фирми од Делчево – „Аледам“ и „Палтекс“ – поради други околности. Случила договор на определено време со оштетената работничка без работничката да се потпише. Тие сега го враќаат предметот на првостепениот суд, односно во Основен суд – Делчево“, истакна претседателката Ампева.
Според Ампева, устен договор, кој Апелација го дава како образложение за тоа дека нема кривично дело, не доаѓа предвид, бидејќи договорот е писмен и мора да го потпишат и работникот и работодавачот, што е утврдено со ЗРО. Во овој случај, работничката е префрлена во друга фирма без нејзина согласност, односно без склучување писмен договор.
„Не се свесни дека треба да го земат предвид моментот дека договор е единствено двостран писмен акт, каде што треба да бидат потпишан работник и работодавач. Инаку, би можеле истите судии да ги одјавиме од Судот без никаков писмен договор и да ги пријавиме во маркет, конфекција, јавно претпријатие, каде било… “, додава Ампева.
Со ова, според Ампева, само се обесхрабруваат работничките и здруженијата да се откажат од борбата за работничките права, кога ќе се земат предвид и високите трошоци.
„Исто така сметаат дека ова дело треба да се врати на првостепен Основен суд оти немало кривично дело „прекршување на права од работен однос“, бидејќи се случувала ликвидациона постапка на една од фирмите. Толку време им треба на судиите да закажат рочиште, да покренат кривична постапка, а за тоа време некој да си отвора и затвора фирми. Ние се обидуваме да испаднеме максимално тука за работничките коишто бараат помош. Ние сега сме ги исплатиле трошоците, двата случаи се по 60 или 70 илјади. Од каде им на работничките толку пари ако се работи за работнички коишто со месеци не земале плата? Едно што е скапа правдата, друго ја нема, очигледно“, потенцира Ампева.
Ампева заклучува дека ова не е прв случај во кој штипска Апелација е повеќе наклонета кон оние коишто го кршат Законот. Токму ова, според неа, е и причината зошто довербата во судството е 8%.
Ребека Спасова М-Нет