Родителите со транспарент пред судницата во Скопје, одбраната со воведни говори, продолжува судењето за Пулс

Денеска продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во судницата во Идризово дел од родителите на загинатите дојдоа со транспарент на кој беа фотографии од сите кои трагично го загубија својот живот. Ова, според родителите, беше со цел да се потсетат сите кои седат на обвинителна клупа дека се винови, откако на претходното рочиште никој не призна вина.

„Еве денеска го донесовме транспарентот со нашите убиени 63 деца, да ги потсетиме убијците што направија, бидејќи на претходното рочиште тие се изјаснија дека не се виновни.

Многу контрадиткорно е што обвинетите не се чувствуваат за виновни. Никој од нив немаше грам совест , човечност за признавање вина. Се надевам дека ќе ја добиеме правдата“ – велат родителите.

Денеска продолжија воведните говори на одбраната.

Одбраната на поранешниот градоначалник на Општина Кочани, Ратко Димитровски, на денешното судење за случајот „Пулс“ истакна дека обвинението претставува преседан во правната практика, особено во делот на утврдување на причинско-последична врска. Според нив, Димитровски не само што немал намера или умисла, туку бил единствен кој реагирал и поднел барање за неиздавање дозвола за работа на дискотека или кабаре уште пред објектот да започне со работа.

Димитровски посочи дека е единствен кој реагирал да не се даде дозвола за работа на дискотеката.

„Единствен во држвата сум реагирал и барал да не се даде дозвола, а по 13 години  институционален молк сега да сум од оваа страна, а не како јавност. Со ваквото обвинение испаѓа дека јас сум требал да ги преземам надлежностите на МВР и републичките органи“ – изјави Димитровски.

И одбраната на поранешните градоначалници на Кочани, Николчо Илијев и Љупчо Папазов посочи дека тие немале никаква надлежност и одговорност за Пулс.

Судењето за пожарот во дискотеката продолжува.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет