Реконструкција, уредување на училници – училиштата во Штип со подобрени услови ја започнуваат учебната година

Основните и средни училишта на територија на Штип со подобрени и модерни услови ги пречекуваат учениците од понеделник. Во текот на летниот период се извршија низа активности во делот на реконструкција, нова инфраструктура, опремување на училиници со цел подобрување на условите за настава и за учениците и за наставниот кадар.

„Во ООУ „Ванчо Прќе“ беа набавени клима уреди, десет компјутери, две смарт табли и два телевизори. Во ООУ „Гоце Делчев“ беше набавен озонер кој ќе го прочистува воздухот во целото основно училиште, беа набавени три клима уреди, исфарбани се заштитните делови од ѕидот на училиштето, набавена е опрема за озвучување и 3Д принтер. Во однос на ООУ „Димитар Влахов“ се набави дел од мебелот кој е неопходен за подобрување на условите, а тоа се шкафчиња, а треба да започне и реконструкција на спортската сала.“ – вели Санева.

Се работеше и во дел од средните училишта. Како што вели Санева и тие се подготвени со подобри услови да ги пречекаат средношколците.

„Се работеше во СОУ „Славчо Стојменски“ каде се направи целосна реконструкција на кровот. Во СОУ „Коле Нехтенин“ се извршуваат подготовки за трансформација на училиштето во регионален центар“ – додава Санева.

И во текот на учебната година се предвидени активности во училиштата. Во СОУ „Јане Сандански“ е предвидено промена на фасадата со цел училиштето да биде целосно енергетско ефикасно, а ќе се реконструира и спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет