Проект за решавање на проблемот со канализацијата во селата Тркање и Оризари

Новиот канализациски систем во Тркање кој ќе се проектира со должина од 6 км, сите фекални води ќе ги поврзи со Пречистителната станица, со што ќе се решат спорните делници со несоодветна нивелација и ќе се спречи излевањето на фекалните води во Трканска Река.

Со овој проект за решавање на канализациската мрежа во Тркање комплетно ќе биде покриено селото кое има 400 домаќинства, за разлика од постоечката, која опфаќа само половина од нив.

Потребата за ваков проект е установена при проверка извршена со геодетско снимање и утврдување на состојбата. Инженерите констатирале дека шахтите се плитки, наполнети со нанос, има куќни приклучоци директно во цевка и се утврдени локации со падови помали од дозволените.

Анализите од увидот во состојбата на теренот ги презентираа и излегоа со предлог-решенија пред раководните и стручните служби на Општина Кочани и КЈП „Водовод“   претставници на проектантот „Хидроенергоинженеринг“.

Освен селото Тркање, со проектот за третман на отпадните води и рехабилитација на мрежата во Кочани, проблемот со канализациските системи ќе се реши и во село Оризари.

Во презентацијата од „Хидроенергоинжинеринг“ било истакнато дека во Оризари најголемите проблеми доаѓаат од нестандардните канализациски цевки без спојки, со изместувања и инфилтрација на други води во нив.

Идејното решение опфаќа зафаќање на водите од Кочански Дол во Оризарска Река, во должина од околу 1 км од левата страна и 600 м од десната страна.

Во буџетот што е донација од Швајцарската агенција за развој и соработка, Општина Кочани ќе учествува со 10 %,  средства што ќе бидат наменети за потребната експропријација на земјиштето и за изградба на канализациска мрежа.    

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет