
Согласно дозволата за конзерваторски истражувања која од програмата на Министерството за култура за оваа година ја доби НУ Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј Штип, во моментот се изведуваат конзерваторски истражувања на Саат кулата. Ова го изјави директорот Митко Штерјов и додаде дека повеќе од 30 години немало никакви активности на оваа локација.
Овие истражувања всушност се подготовка за изготвување на проект за конзервација и реставрација на саат кулата, бидејќи се неопходни за аплицирање за финансиски средства.

-За таа цел овие дваесетина дена ќе се изведуваат конзерваторски истражувања во внатрешноста и во надворешноста на кулата, кадешто сакаме да ја видиме состојбата на темелните партии и после геомеханичките истражувања ќе се комплетира целиот проект и се надевам дека ќе побараме средства и од Министерство за култура и од меѓународни проекти, па се надевам дека ќе успееме да обезбедиме средства. Мислам дека некаде околу 80.000 до 100.000 евра би завршиле работа и би успеале да го активираме градскиот часовник и да ја конзервираме кулата, така да, ќе добиеме уште еден споменик на култура во градот – истакна Штерјов.
Саат кули како споменици од минатото постојат во многу градови и се нивни обележја, исто и штипската побудува сеќавања кај постарите штипјани, а со реставрацијата, ќе може да биде дел од туристичката понуда на градот. За тоа, ќе треба посебен менаџментски план, дознаваме од Паула Ангеловска, апсолвент на културно и светско наследство, УНЕСКО во Германија, за која како студент приоритет и е културното наследство да биде заштитено.

-Пред да се алудира на туризам и да се промовира нешто од туристички аспект, треба дефинитивно да има стабилен менаџментски план, кој ќе оситури иднина за тоа културно наследство, а потоа и профит за самиот регион. Сум била дел од проекти кои вклучуваат менаџмент на културно наследство, но тоа е повеќе постконфликтно наследство, индустриско наследство. Значи, има различни типови на наследство и сега еве ја имам таа уникатна можност да присуствувам на ископување на нешто што датира уште од многу одамна– истакна Ангеловска.
Штипската Саат Кула, позната како Бегова кула постои од 1650 година. Била подигната како беговска одбранбена станбена кула, а подоцна била пренамената во саат-кула. Сега е под надлежност на Министерството за култура, односно НУ Завод и Музеј, каде освен на овој објект, се работи на реконструкција на црквата Св. Власије со средства од 190.000 евра обезбедени преку меѓународен проект, а ќе се работи и на реставрација и целосна реконструкција на тврдината Исар.

-Акцентот оваа година е ставен на тие локалитети, односно на тие споменици, бидејќи сепак тоа се главните споменици кои го одбележуваат секој град. Оваа година исто така интензивно имаме, покрај оние музејските проекти, и проект истражувања на петопсидална базилика во Крупиште и на локалитетот Пилав Тепе до Радовиш и проектите кои ги имаме на археолошкиот локалитет Баргала – рече Штерјов.
Значајно е тоа што и во оваа ситуација со пандемијата, вработените во штипскиот музеј работат на солидни проекти, за кои директорот Митко Штерјов се надева дека ќе бидат завршени според предвидениот план.
БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет
Снимател ГОРАН ХРИСТОВСКИ
Монтажа ВИКТОР МИХАЈЛОВСКИ