Брегалница е чиста, сторителите се соочуваат со казни до сто илјади евра

Водата во Штип е безбедна за пиење, излеаната бела материја сеуште не е испитана, но за сега нема индици за помор на живиот свет во реката. Ова го изјави  градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски, кој заедно со заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, беа на увид по течението на река Брегалница.

-„Јас сум на страната на правдата и мора оваа работа да ја истераме до крај со цел да излезе вистината на виделина. За среќа бунарите на Општина Штип за водата за пиење се безбедни бидејќи се на повисоко ниво и не се допрени од страна на таа материја. Во наредните денови ќе се вршат анализи од водата за пиење од чистата вода којашто е излезена од филтер станицата во Штип и секако сировата вода којашто е пред влезот во филтер станицата и од водата во градскиот водовод“,  истакна градоначалникот Бочварски.

„Тоа е добрата вест којашто сакаме да ја знаат граѓаните. Дополнително материјата којашто е истечена е само транзитно помината низ реката и првите анализи покажаа дека нема никакви оштетувања на животинскиот и растителниот свет“, истакна Бочварски.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули вели дека државниот инспекторат и локалната самоуправа брзо реагираа, а веќе е изречена и мандатна казна.  Директен предизвикувач на еко хаваријата е транспортна  компанија од Србија која превезувала материи за потребите на „Техникал Текстајл“. Компаниите се соочуваат со парични казни од три до сто илјади евра, изјави Јани Макрадули.

Брегалница пред три дена неколку часови беше бела, количините на белата материја и нејзиниот состав не сеуште не се познати, но се знае дека истата не се наталожила и не предизвикала помор на рибите.

новинар Славица Величковска

камера Горан Христовски

монтажа Виктор Михајловски