Проектот за реконструкција на штипската Саат кула е „статус кво“, недостасуваат финансии

Проектот за реконструкција на штипската Саат кула е во „статус кво“. Да се осветли и уреди локалитетот Баргала и да се реставрира и конзервира Саат кулата беше проектот којшто се најави уште минатата година. Меѓутоа, финансиски средства се обезбедија само за „Баргала“. Според директорот на НУ Завод и Музеј Штип, Митко Штерјов, проектот за Саат кулата ќе мора да почека до наоѓање финансиски средства.

„Ние минатата година заедно со Источно планскиот регион конкуриравме со два проекта од областа на културното наследство. Едниот беше осветлување на локалитетот Баргала, а другиот беше реставрација и конзервација на Саат кулата во Штип. По неколку процеси за вреднување на проектите, на крајот остана да се реализира само проектот за осветлување на Баргала, а проектот за реставрација и конзервација на Саат кулата не помина. Можеби, е до финансиските средства, не ја знаеме причината. Меѓутоа, ние сме задоволни кога ќе помине барем еден проект. Сепак, сите проекти заслужуваат и во понатамошниот период се надеваме дека ќе дојде ред и за овој“, истакна Штерјов.

Проектот за Баргала, пак, ќе се реализира наесен, а НУ Завод и Музеј Штип ќе конкурира и за реализација на проекти кои ја опфаќаат црквата „Св. Илија“ или „Хусамедин Пашина џамија“, како и тврдината „Исар“ како симбол на градот.

„Тоа е процес којшто треба да се одвива, се надевам дека од есен ќе почне да се реализира, бидејќи така се и проектните програми со Источно планскиот регион и со Општина Карбинци. Се надеваме дека во септември или октомври ќе почне со реализација овој проект. Ние како Завод и Музеј имаме неколку проекти коишто ги конкуриравме и понатаму ќе ги конкурираме, што заедно со Општините, така и на меѓународни проекти, проекти од Министерството. Тоа е реставрација и конзервација на „Св. Илија“, односно „Хусамедин Пашина џамија, а и оној што сите сакаме да се реализира е за конзервација на тврдината Исар“, додава Штерјов.

Штипската саат кула со помош на волонтери беше ставена во функција во 2018 година, кога и повторно се слушна отчукувањето на саатот од кулата. Инаку, според пишаните документи, овој споменик на културата е изграден од турски бег во 1650 година.

Ребека Спасова М-Нет