
Меѓу пет пријавени случаи на ХИВ/СИДА, едно лице е од Штип, покажува месечниот Извештај на Институтот за јавно здравје за движењето на акутните заразни заболувања. Од пријавените лица, четири се од машки пол, а едно лице е од женски пол.
„Две лица се од Гостивар и по едно лице од Штип, Охрид и Велес. Лицата се на возраст од 25-44 години. Две лица се МСМ (мажи што имаат секс со мажи), две лица се хетеросексуалци и едно лице е бисексуалец. Во текот на месец мај не се регистрирани смртни случаи од ХИВ/СИДА“, стои во Извештајот на Институтот за јавно здравје.
Согласно со постоечката евиденција на пријавени случаи, заклучно со 31.5.2023, кумулативниот број на лица регистрирани со ХИВ/СИДА во Македонија, за периодот 1987–2023, изнесува 602, од кои 123 лица починале, а 479 лица живеат со ХИВ/СИДА.
Во мај се регистрирани и 5 случаи на вирусен хепатитис Б, кои според возраста на заболените, не подлежат на имунизација, согласно со календарот за задолжителна имунизација, а има и три заболени со хламидија.
Со прогласување на крајот на пандемијата со Ковид, нема дневни известувањата, но од вирусот во текот на месец мај, пријавени се вкупно 119 случаи. Заболени од грип или заболувања што личат на грип, пак, се 59 случаи во мај, односно 10.562 во сезоната 2022/2023 година. Најмногу заболени има помеѓу 15 и 64 години, а највисока инциденца е регистрирана кај децата на возраст од 0 до 4 години.
Во однос на епидемиите, во Извештајот се наведени труењата со храна кај гости во ресторан во Скопје и деца од градинка во Прилеп.
Ребека Спасова М-Нет