
Улични продавачи на лубеници и дињи во Свети Николе тврдат дека биле казнети од полицијата со парични казни во износ од по 100 евра. Според нив, станува збор за сума која е превисока во однос на заработката што ја остваруваат од сезонската продажба.
Продавачите велат дека во летниот период се обидуваат да заработат со продажба на лубеници и дињи, но посочуваат дека дневниот промет не е секогаш доволен за да ги покрие трошоците, а камоли казна од 100 евра.
„За цела недела не можеме да заработиме 100 евра, а сега треба тие пари да ги дадеме за казна“, реагираат дел од продавачите.
Според нив, ваквата мерка сериозно го погодува нивниот скромен сезонски приход. Тие сметаат дека институциите треба да имаат повеќе разбирање за луѓето кои на овој начин се обидуваат да обезбедат егзистенција, особено во период кога продажбата зависи од временските услови, бројот на купувачи и цената на земјоделските производи.
Засега информациите за изречените казни ги пренесуваме според тврдењата на продавачите, а останува да се утврди по кој основ биле санкционирани и дали станува збор за продажба на недозволена локација, немање соодветно одобрение или за друга причина.
М Нет телевизија ќе побара официјален став од СВР Штип за случајот – колку продавачи биле санкционирани, во кој износ се изречени казните и по кој законски основ биле преземени мерките.
По добивањето на одговорите од полицијата, јавноста ќе биде дополнително информирана.