Јорданов: Покажавме и докажавме дека местото на Брегалница е во Прва лига и тоа така и ќе остане

Денес беше одржана прес-конференција во просториите на ФК Брегалница, каде една од темите беше и соработката со германскиот инвеститор, за што градоначалникот на општина Штип, Иван Јорданов откри повеќе детали околу таа соработка, но и околу финансиската конструкција и како клубот ќе функционира во иднина.

„Некако предвреме јавноста мотивирана можеби од одредени политички чинители ја коментираше состојбата во Брегалница. Тоа што е наша цел како локална самоуправа, како ретко која друга локална самоуправа се грижи за градските клубови покажавме и докажавме дека местото на Брегалница е во Прва лига и тоа така и ќе остане. Ние како локална самоуправа и во следниот период ќе градиме партнерства за да обезбедиме сигурна финансиска рамка за оваа натпреварувачка сезона, затоа што знаете сите дека фудбалот е скап спорт и дека бара огромни финансиски средства и дека најголем дел од клубовите во Македонија имаат проблеми, пропаѓаат и испаѓаат, тоа во Штип не е случај. Дали и во која форма со германскиот поддржувач или со домашните компании со коишто исто така разговараме ќе ја обезбедиме таа финансиска конструкција, летниот преоден рок завршува на 6 септември и до тогаш сите опции се во оптек, затоа и шефот на стручниот штаб кажа дека оваа година за првпат сезона започна порано од вообичаено. Но, преодниот рок се’ уште трае, Брегалница е екипирана со добар костур на играчи пред се домашни штипски деца што е наша обврска како локална самоуправа да им дадеме шанса и можност да играат професионален фудбал и преку Брегалница да се развиваат како фудбалери, но и да бидат идоли на младинците. Брегалница е на целиот град на сите граѓани“, вели Јорданов.

Вечерва од 19 часот Брегалница ќе се соочи со Арсими, во меч од 2. коло на ПМФЛ, каде и двете екипи ќе ги барат првите бодови. Се очекува полна трибина и силна поддршка за „сините“.