Прес на ОО СДСМ Штип

ЈП Исар се наоѓа во една од најлошите состојби во своето постоење, потврдија денеска од ОО СДСМ Штип. На прес-конференција, претседателот на организацијата, Павел Иванов, изјави дека претпријатието наместо сервис на граѓаните, станало симбол на неспособност и лошо менаџирање.

„ЈП Исар денес се наоѓа во една од најлошите состојби во своето постоење.

Наместо претпријатие кое треба да биде сервис на граѓаните, денес имаме симбол на неспособност, неодговорност и катастрофално менаџирање.

Реалната состојба на терен е поразителна.

Дополнително загрижува фактот што во ваква состојба, локалната власт започнува изградба на нов парк на површина од 70.000 квадратни метри. Логично се поставува прашањето:

со кој капацитет и со кои ресурси ќе се одржува тој парк, кога и постојните зелени површини не можат да се одржуваат?

Најзагрижувачки е што за оваа катастрофална состојба никој не презема одговорност. Ниту раководството на ЈП Исар, ниту локалната власт не излегуваат пред граѓаните со одговори и конкретен план.“, вели Иванов

По обвинувањата од СДСМ, од Општина Штип реагираат дека со ЈП „Исар“ работат на подобрување на функционирањето и сервисирање на долговите. Наведуваат дека при преземањето бил затекнат долг од над пет милиони евра, наследен од претходната локална власт, и дека паралелно се спроведува модернизација на водоводната инфраструктура.

„Општина Штип и ЈП „Исар“ континуирано и посветено работат на подобрување на функционирањето на претпријатието и сервисирање на долговите оставени од претходната локална власт предводена од СДСМ. При преземањето на раководењето беше затекнат долг во износ од над пет милиони евра, што претставуваше сериозен товар врз работењето и нормалното функционирање на претпријатието.

И покрај затекнатата состојба, во изминатиот период беа преземени конкретни чекори за финансиска консолидација, редовно сервисирање на обврските и создавање услови за поефикасно функционирање на ЈП „Исар“ со што вративме повеќе од 2.5 милиони евра долг направен од претходната локална власт на СДС. За првпат се реализираат активности за замена на старата и дотраена водоводна мрежа и поставување нова водоводна инфраструктура, со што директно се подобруваат квалитетот и сигурноста во водоснабдувањето. Дополнително, се имплементира и современ СКАДА систем, со цел рационализација на потрошувачката на вода, подобра контрола и поефикасно управување со водоводниот систем.“, велат од Општина Штип

Како што дополнително додаваат од Општината, континуирано се работи и на одржување на парковите и зеленилото, како и на уредување и создавање нови зелени површини, активности што за првпат се реализираат во ваков обем на територијата на Општина Штип.

Иван Митев, М-Нет