Пред фудбалската репрезентација на Македонија следуваат четири предизвици во 11 дена – првиот против Швајцарија

Македонската фудбалска репрезентација се подготвува за предизвиците кои следуваат во Лигатa на нации, во 11 дена ќе бидат одиграни четири натпревари. Првиот предизвик ќе биде на 26 септември против Швајцарија во Скпје, по што следува гостувањето во Љубљана на 29. септември против Словенија, на 3. октомври против Шкотска на домашен терен, а потоа вториот дуел против Швајцарија во Луцерн на 6. октомври.

Селекторот Гоце Седлоски повика 25 играчи и тројца голмани, вели дека ќе биде навистина густо со овој распоред, но дополни дека ќе ротира, но фокусот е на првиот меч против Швајцарија.

„Можеме да очекуваме добра игра, борба на секој натпревар, залагање и максимална концентрација на сите натпревари кои во овој краток период ги имаме за десет дена четири натпревари, навистина тоа никогаш не сум го играл јас. Затоа и тој список кој го објавив, кои ги повикав тие играчи, повикав 25 играчи и тројца голмани, ќе ротираме, но прво мислите треба да ни бидат на првиот натпревар со Швајцарија“, вели селекторот Седлоски.

Седлоски, исто така, истакна дека треба да се остави срцето на теренот, да се покаже желба и храброст, дополнивајќи дека можеме да одговориме на секој предизвик.

„Нормално, головите кои ги примивме, мораме на тоа да работиме, примивме голови во Данска, за уште десет минути примаш уште два гола, значи тоа исто ни се случи и на натпреварот со Турција. Мораме тука да поработиме, мораме и во нападот. Кажав, мораме да бидеме компактни одбраната со нападот, везниот ред, сите заедно да се вклопиме и мислам дека овие денови кои ги имам за работа, пет тренинга или шест, ќе го направам тоа да бидеме сите заедно. Уште еднаш да го оставиме срцето на теренот да покажеме желба, храброст, да не се плашиме, знаеме Швајцарија каква репрезентација е со какви играчи доаѓа, можеби ќе имаат и тие промени, но ние треба да си ја гледаме нашата работа и мислам дека можеме да одговориме на секој предизвик“, дополни Седлоски.

Македонија во новото издание на Лигата на нации настапува во групата Б1, заедно со Швајцарија, Словенија и Шкотска.

Александар Ванев, М-Нет