
Прашањето со ЕВН и висината на сметките за електрична енергија, како и заштита во делот на судските постапки се најчестите причини поради кои граѓаните се обраќаат кај Народниот правобранител. Секој вторник заменик народниот правобранител во подрачната канцеларија во Штип ќе ги прими претставките од граѓаните со цел да им се излезе во пресрет со секојдневните проблеми во рамки на законските надлежности.
„Во рамки на законските надлежности сите граѓани коишто имаат одредени проблеми со институцииите на државно или на локално ниво можат да се обратат кај Народниот правобранител, како и во однос на проблеми коишто ги имаат со носители на јавни овластувања, тоа се адвокати, нотари и извршители, или компании во приватна сопственост, како што се ЕВН, телекомуникациските компании, компании коишто нудат услуги во топлинската енергија, а коишто имаат добиено лиценца за работа од страна на државата. Имаше веќе десетина странки од утринава до пладне има различни состојби. Дел беа заштита на правата во делот на судските постапки, понатаму имаше предмети коишто се однесуваат на потрошувачките права, конкретно сега прашањето со ЕВН, висината на сметките и слично“, вели Андоновски.
Народниот правобранител годишно има над 3000 предмети, што значи дека граѓаните се запознати со своите права и се обраќаат за заштита на истите. Канцеларии на Народниот правобранител има во Скопје, Куманово, Штип, Струмица, Битола, Кичево и Тетово, но освен во канцелариите, граѓаните своите претставки ги доставуваат и по електронски пат или на телефонскиот број.

„Граѓаните ни се обраќаат, неретко станува збор и за добивање правен совет, информација за тоа како да ги заштитат своите права. Годишно во просек имаме нешто над 3000 предмети во последниве пет години, што само по себе говори дека граѓаните имаат потреба од заштита на нивните права. Доминираат прашањата што се поврзани со правосудството, потрошувачките права, правата од работен однос, имотно – правните прашања итн.“, додава Андоновски.
Инаку, веќе извесен период во неколку подрачни канцеларии низ државата замениците народни правобранители се со истечен мандат, предлозите за нови од страна на Народниот правобранител се доставени до Собранието, меѓутоа таму сѐ уште се нема извршено избор на нови заменици.
Ребека Спасова М-Нет