По засилените контроли СВР Штип со апел до учесниците во сообраќајот и родителите да внимаваат на мотоциклистите

СВР Штип продолжува со спроведување на засилени акциски контроли со цел спречување, откривање и санкционирање на возачите на мотоцикли.

Иста таква контрола и синоќа била спроведена од 20 часот до 2 часот изутрина на територијата на повеќе општини ви истокот, во текот на која биле откриени вкупно 38 прекршоци. Во Штип имало 16 прекршоци, седум во Кочани, три во Пробиштип, два во Виница, три во Делчево, два во Берово, пет во Свети Николе.

Од нив пет управувале без возачка дозвола, пет биле со измината важност на регистрацијата, еден нерегистриран, 24 поради неносење на кацига и три останати прекршоци. За сите прекршоци сторени од страна на возачите на мотоцикли изречени се соодветни санкции.

Eвидентирани се и 11 други сообраќајни прекршоци и за нив се изречени соодветни санкции.

Овие алармантни бројки беа причина од СВР Штип да апелираат за внимание и одговорност, бидејќи мотоциклистите спаѓаат во групата на учесници во сообраќајот кои најмногу се изложени на опасности во сообраќајот и кај кои ризикот за здобивање на смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок.

Најмногу од изречените соодветни санкции се однесуваат на неносење на кацига, за што посебно се упатува апел да бидат внимателни и одговорни, да внимаваат на правилата за ограничување на брзината и да користат кациги и останата заштитна опрема.

Апелот се однесува и за родителите – да бидат внимателни и да не подлегнуваат на притисокот и барањата на своите деца, да не им овозможуваат неконтролирано користење на мопеди, без претходно да им обезбедат основни знаења и способности за правилно и безбедно учество во сообраќајот.

Од СВР апелираат и до останатите учесници во сообраќајот да внимаваат на мотоциклистите, бидејќи станува збор за голема ранлива категорија и истите да бидат почитувани како рамноправни учесници во сообраќајот. Со цел подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата како и на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, засилени акциски контроли на оваа категорија на возачи и понатаму ќе се спроведуваат, напоменуваат  од СВР Штип.