По две години пандемија Свети Николе го одбележа празникот Тодорова сабота

Општина Свети Николе по две години пандемија традиционално ја одбележа Тодорова сабота. Свечената манифестација изобилуваше со културно – уметнички содржини, меѓу кои музички концерти, традиционалниот панаѓур и, секако, најдолгото оро.

„Еве денеска од 10 часот започна најдолгото оро коешто е традиција и во кое учествуваат 13 културно – уметнички друштва од Македонија, Бугарија и Црна Гора. Сакам да го честитам овој голем ден, а на сите коишто го носат името на овој голем светец нека им е честит именденот и среќна слава на оние кои имаат“, порача градоначалникот, Дејан Владев.

На манифестацијата присуствуваше и лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ кој им го честита празникот на светиниколци, но и на сите верници.

„На сите им ги честитам славата и именденот. На сите верници им посакувам успешни пости и многу здравје. Денеска сме овде да си го честитаме денот и да си посакаме здравје“, порача Мицкоски.

Светиниколци поради сончевото време во масовен број беа излезени на улиците, задоволни оти празникот го слават повторно по две години. Сметајќи дека традицијата треба да се зачува, а не искорени, им го честитаа празникот на своите сограѓани.

Светиниколските улици изобилуваа со граѓани на Свети Николе, но и гости, светиниколци кои живеат во другите градови низ државата или во странство.

Ребека Спасова М-Нет