Бектеши: Има доволно количество прехранбени производи, цената на горивата ќе се намалува

Има доволно количество на масло за јадење за потребите на домашниот пазар заклучи денес министерот за економија, Крешник Бектеши, при средбата со сопствениците на компанијата за производство на маслото „Брилијант“. Како што рече, со меѓусебна соработка помеѓу јавните институции и приватните компании ќе се придонесе за ублажување на кризата, а ќе се заштитат потрошувачите.

„Ситуацијата со инвазијата на Русија во Украина се влошува во делот на глобалната економска криза, но ние ги ставивме сите наши капацитети на располагање, и институционални, и приватни преку инвеститорите и сопствениците со цел што подобро да се справуваме со оваа криза. Убеден сум дека тоа заеднички ќе го постигнеме“, истакна Бектеши.

Генералниот директор на компанијата истакна дека мерките од страна на Владата се спроведуваат и се согласи дека доволно количество има, па граѓаните не мора масовно да купуваат залихи. Засега проблеми за набавка на репроматеријали нема.

„Сами гледате дека Русија и Ураина се во ситуација во која тешко се произведува масло или сончоглед, цените одат горе – долу. Инаку, тие се најголемите производители на масло за јадење. Цените се менуваат, но мислам дека тоа е само психоза и ќе се стабилизираат. Тие количини кои не се извезуваат сега мора еден ден да излезат“, додаде Сашо Наумоски, Генерален директор на „Витаминка“.

Како што рече Бектеши, од вечерва ќе има и нова пониска цена на нафтените деривати, бидејќи одлуките за намалување на ДДВ-то и акцизата се веќе во Службен весник. Од почетокот на следната седмица секојдневно цената ќе бележи пад.

Ребека Спасова М-Нет