Почнува исплатата на субвенции, денеска за сточарите до четврток за лозарите и полјоделците

Сточарите денеска и утре на сметка ќе ги имаат субвенциите за 2024 година, во наредниот период започнува исплатата на субвенции за полјоделците, градинарите, а до Свети Трифун пари ќе добијат и лозарите. Ова денеска го потенцираше министерот за земјоделство Љупчо Николовски од Свети Николе. По најавите на земјоделците од кочанско дека ќе протестираат ако не добијат субвенции до крајот на месецот, Николовски врати дека 2024 година ќе биде историска бидејќи се исплаќаат субвенции за истата година.

„Платежната аагенција веќе започнува со исплати на останатите субвенции, односно први исплата ќе добијат сточарите кои во 2023 година не беа опфатени во делот на основната исплата. И повторно 2024 година ќе биде историски прва година за сточарите кога ќе добијат пари во 2024 година за 2024 година. Се подготвуваат сите исплати за полјоделците, за лозарите пред Свети Трифун, за градинарите“ – вели Николовски.

Дециден е дека и зелената нафта се исплаќа најредовно досега, додавајќи дека земјоделците уште во август добиле картички за зелена нафта.

„Зелената нафта се исплаќа најредовно, тоа се склучува во мај постапката за избор на оператор и немало никаков застој во тој дел. – додава Николовски.

Само во светиниколско 2500 земјоделци веќе добиле картички за зелена нафта, а потрошената вредност е речиси два милиони денари.

„Во регионот на Свети Николе имаме околу 2500 земјоделци кои ја корисат зелената нафта. Нафтата секопгаш ја доставуваме од 1 Септември до 30 Април и вредноста годишно изнесува некаде околу 2 милиони евра.“ – додава Гичев.

Земјоделците потенцираа дека со субвенциите кои ќе ги добијат ќе може да се подготват за идната сеидба, со што и поињата нема да останат празни.

Лаура Стојанова М-Нет