
Резултатите кај земјоделците од мерките на Министерството денеска беа споделени во Свети Николе. Техничкиот министер, Љупчо Николовски, во рамки на својот караван посочи дека и годинава ќе се вложува преку Програмата за директни плаќања и останатите програми. Годинава, посочи тој, за првпат ќе земјоделците ќе добијат стопроцентна поддршка за зелена нафта.
„Оваа 2024 година сите земјоделци ќе добијат рекордна 100% поддршка за зелена нафта којашто ја воведовме како Влада, ја ветивме во 2017, а започна да се применува со 30% поддршка, ја зголемивме на 50%. Ветивме дека 2024 година ќе биде година на наша стопроцентна поддршка и ќе бидат опфатени сите сектори и тоа го направивме. Оваа е година во којашто имаме 100% поддршка за зелена нафта, опфатени се сите сектори, вклучително и сите сектори, како и тутунопроизводството“, вели Николовски.
Мерката Бизнис план дошла како иницијатива од регистрираните индивидуални земјоделци во Свети Николе и токму кај нив резултатот е видлив, вели Николовски. Средствата преку Програмата ќе бидат исплатени за веќесклучени договори од минатата година или почетокот на тековната, а финансиски ќе се поддржи и набавката на комбајни за жито и трактори.
„Вложуваме и во модернизација на македонското земјоделство, давајќи поддршка на земјоделците за набавка на опрема на земјоделска механизација преку Програмата за рурален развој и преку ИПАРД програмата. Поддршката за модерно и развиено земјоделство ја продолжуваме и оваа година и токму затоа издвоивме рекордни десет милиони евра во само една програма, во Програмата за рурален развој имаме десет милиони евра за поддршка за модернизација преку мерките од рурален развој“, додава Николовски.
Од Подрачната единица на Министерството во Свети Николе велат дека овој регион е лидер по склучени договори. Во моментов има активни 1800, а со повиците кои завршија и оние кои во моментов се распишани се очекува да се надмине бројката од 2000 договори.
„Можеме да се пофалиме и со податок дека во овие шест години како се дава зелена нафта во регионот на Свети Николе имаме околу 1500 земјоделци коишто ја користат. Нафтата секогаш ја доставуваме од 1 септември до 30 април и вредноста годишно изнесува околу 300.000 евра“, вели Дејан Гичев, раководител на Подрачната единица при Министерството во Свети Николе.
Овчеполскиот регион е втор во државата во однос на житните култури, но застапени се и лозови насади, интерес годинава има и за оранжерии, а предвидени се и нови откупни центри.
Ребека Спасова М-Нет