Посетени компании во Кочани, Виница и Пробиштип од дополнителната заменик-министерка за финансии

Дополнителната заменик-министерка за финансии, Елена Петрова, денеска посети приватни компании во Виница, Кочани и Пробиштип. Посочи дека ваквата обиколка на компаниите е со цел воочување на состојбите во приватниот сектор, како и вклучување на нивните потреби во економската платформа.

„Нашата заложба е да бидеме во отворен контакт со бизнис секторот за да може да креираме политики и мерки – економски, даночни, монетарни мерки во делот на јавните финансии за инвестициски намени, а со цел да обезбедиме поддршка на компаниите да ја зголемат продуктивноста преку модернизација, техничко-технолошки иновации, енергетска ефикасност, да ја зголемат конкурентноста“, вели дополнителната заменик-министерка.

Петрова вели дека на овој начин ќе се унапреди македонската економија и ќе се обезбеди одржлив економски раст. Во оваа прилика таа дополни дека во периодот од почетокот на годината до распишувањето на изборите Владата се има задолжено со 15 милиони евра на домашниот пазар, што е поголемо задолжување во однос на истиот период од минатата година.

„Ова задолжување Владата го користеше за финансирање на буџетскиот дефицит, потроши многу повеќе средства отколку што прибра од даноци, придонеси и други буџетски приходи и со тоа генерираше буџетски дефицит“, додаде Петрова.

И буџетскиот дефицит, вели Петрова, е двојно поголем, односно за 101% поголем од буџетскиот дефицит што бил создаден во истиот период од минатата година.

Ребека Спасова М-Нет