
Распишан повикот за најстарата манифестација во Штип во областа на културата, Штипско културно лето 2024. Општината ги повикува сите поединци и здруженија да ја преземат пријавата од веб-страницата или од просториите на Општинскиот мултимедијален центар и да ги образложат основните елементи на секој проект со цел да се направи овогодинешната програма.
„Со оглед на тоа што оваа година одбележуваме значаен јубилеј – 39 години Штипско културно лето, во вообичаениот термин – седмиот месец од годината, Општина Штип повторно се јавува како продолжувач на традицијата, го распиша Јавниот повик и врз основа на пријавувањето на разни уметници, уметнички друштва, здруженија на граѓани, да направиме една програма којашто ќе одговара на реномето на она што Штипско културно лето низ годините го претставуваше“, вели Кирил Панајотов, советник за културни манифестации.
И годинава Штипско културно лето ќе изобилува со проекти од сите области на уметноста. Целта е да се направи програма којашто ќе понуди за секого по нешто со цел оваа манифестација да остане привлечна за штипјани и да го задржи своето реноме.
„Вообичаено Штипско културно лето е разновидно по својот карактер, тргнувајќи од музички групи, поединци, разни видови на жанрови на музика до ликовни изложби, театарски претстави, филмски проекции и секако друг вид на културни содржини коишто, секако, ќе бидат интересни. Тоа е суштината на одржувањето на летото, да го направиме поинтересно, прифатливо за граѓаните“, додава Панајотов.
Инаку, минатата година Штипското културно лето беше отворено на 29 јуни, а траеше до 31 јули и за оваа манифестација Општината имаше издвоено 600.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет