
Прекумерен број на пациенти побарале лекарска помош во Штип изминатите два викенда. За време на празниците и продолжениот викенд имало околу 450 интервенции на Брзата медицинска помош, имало и домашни посети и телефонски повици. Од друга страна регистриран е само еден случај на пациент со скршеница и тоа во текот на вчерашниот ден.
„За време на викендите, особено овде би го нагласил продолжениот викенд, 4,5, 6 и 7 јануари Итната медицинска помош Штип со домашно лекување имаше засилена динамика и би рекол прекумерен број на прегледи, околу 370. На ова ако ги надоврземе и повиците кои беа околу 70 тоа е навистина голема бројка. Наредниот викенд се продолжи со несмалено темпо на работа“ – вели Бојчевски.
Најчесто граѓаните се со симптоми на респираторни болести, а помош од лекарите побарале и пациентите со кардиоваскуларни заболувања.
„Доминираше симптомалогија која асоцира на респираторни болести, покачена телесна температура, кашлица, малаксаност, но неретки се и пациентите со кардиоваскуларни болести, односно лица со варијации на крвниот притисок, често ни доаѓаат лица со хипертензија, со вртоглавица“ – вели Бојчевски.
Лекарите апелираат граѓаните да бидат внимателни кога се движат за да не се здобијат со скршеници и повреди. Исто така се препорачува да се води грижа за сопственото здравје.
Лаура Стојанова М-Нет