Победа Валандово или Овче Поле, каков е распоредот и дали може да има „кикс“ за второлигашкиот бараж?

Уште во Трета лига – Исток се чека на шампионот за да бидат познати сите екипи кои ќе играат во второлигашкиот бараж, а таму трката ја водат лидерот Победа Валандово и второпласираниот Овче Поле, а меѓу нив разликата е само еден бод.

Еден „кикс“ односно пораз или реми на едните или другите ќе биде пресуден за тоа кој да биде шампион во Трета лига – Исток за сезона 2025/2026 и да игра бараж за влез во Втора лига.

До крајот во Трета лига – Исток остануваат три кола, а во игра се девет бода.

Овој викенд ќе се играат мечевите од 20. коло каде Овче Поле како голем фаворит на домашен терен ќе игра со Дојранско Езеро, а Победа Валандово на домашен терен, со фаворитска улога против Тиверија.

Во рамки на 21. коло Овче Поле ќе има тешка задача на гостувањето кај Хоризонт Турново, а пак Победа Валандово ќе има незгодно гостување кај Карбинци.

Во последното 22. коло Овче Поле како фаворит ќе го пречека Малеш, а Победа Валандово ќе игра дома против Брегалница од Делчево.

Ако двете екипи до крајот бидат перфектни тоа ќе значи дека Победа Валандово ќе биде шампион и ќе игра бараж за Втора лига.

Во баражот за Втора лига сигурно ќе бидат третолигашите Еуромилк ГЛ, Камјани, Влазними, Борец, како и второлигашите Каменица Саса, Тетекс и Кожуф кои ќе се борат за опстанок во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет