О. Карбинци спроведува проект со фондација од Бугарија, распишан конкурс за есеи за млади

Општина Карбинци и Фондацијата „12. стол“ од Благоевград ќе спроведуваат проект за превенција од непогоди. На денешната прес – конференција беа презентирани проектните активности. Истите опфаќаат адресирање на предизвиците со кои се соочуваат Општините Карбинци и Дупница во однос на подготвеноста за справување со непогоди.

„Она коешто ќе го опфатат проектните активности подразбира мапирање на ризични зони со предиспозиција на пожари. Понатаму, истражувања за подготвеноста на граѓаните, особено на младите, децата и лицата со попреченост за справување со непогоди и врз основа на тие информации ќе подготвиме специјални модули за обука на 30 деца и на уште 30 лица кои припаѓаат на другите категории за да можеме да го таргетираме тој недостаток од знаење којшто евентуално би се појавил. Дополнителна активност е и заеднички семинар на доброволни противпожарни друштва каде што ќе се разменат искуства и ќе се врши за заедничката одговорност“, рече Драгана Митровиќ, проектен координатор.

Во склоп на проектот објавен е и конкурс за есеи за деца и млади чија тема е „Бледа сина точка: индивидуалната одговорност во заштитата на нашиот дом – планетата Земја“. За есеите ќе се доделат четири награди. Две од нив ќе бидат за учесници од бугарска страна, а две за учесници од македонска страна. Резултатите ќе бидат објавени на 14 февруари 2022 година.

„Темата на есејот ќе биде точно тоа, како самата планета Земја изгледа во нашите очи т.е во очите на младите и како може да опстои во иднина. Есејот треба да биде не повеќе од 1000 збора и секој еден кандидат од Општина Карбинци и од Општина Дупница ќе може да го испрати есејот на емаил, кој ќе биде даден од нас подоцна. Есејот не треба да биде предаден подоцна од 25 јануари“, истакна Иваило Валков од Центарот за стручно обучување и ориентација во Бугарија.

Од бугарската фондација пројавија иницијатива за успешно спроведување на проектот, што ќе придонесе и за успешна соработка помеѓу двете општини. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, пак, истакна дека ваквите проекти се од особено значење за Општината и затоа ќе продолжат со имплементација на истите.

„Јас сакам да се заблагодарам на градоначалникот поради тоа што го започнуваме овој проект. Проектот предвидува идентични дејности во Општина Карбинци и во Општина Дупница, каде ќе се мапираат такви опасни терени и ќе се направат многу дејности кои ќе ги распространат информациите за опасностите во животната средина и како треба да бидат надминати. Ќе има многу работа и со млади луѓе“, истакна Андреј Горанов од Фондацијата.

„Денес заедно со Фондацијата „12. стол“ од Благоевград и нашиот проектен тим од Општина Карбинци го официјализираме проектот финансиран од Европската Унија. Морам да истакнам благодарност до целиот тим на Општина Карбинци, до целиот тим на Фондацијата „12. стол“. Ова значи едно продолжување и имплементација на овие проекти финансирани од ЕУ, што е од големо значење за нас. Овој проект е од областа на животната средина, на превенцијата на заштитата на животната средина, така што ние ќе продолжиме со имплементација на вакви проекти и ќе ја продлабочиме оваа соработка затоа што е од големо значење за нас како Општина Карбинци и на населението во Карбинци“, додаде Паунов.

Вкупниот буџет на овој проект е речиси 104 000 евра. Активностите ќе се спроведуваат до март 2022 година.

Ребека Спасова МНет