Колку чини последното збогум во Штип?

1. Сликата е генерирана со помош на ВИ

Кога ќе почине близок човек, што всушност мора да платите, што избирате сами и кој ја одредува конечната сметка?

Првиот дел од одговорот е кај ЈП „Исар“, кое стопанисува со градските гробишта во Штип. Оттаму велат дека нивната надлежност е ограничена на инфраструктурата на градските гробишта и услугите поврзани со неа, додека самата погребална услуга ја нудат приватни оператори. Еден од првите трошоци е гробното место. За ново гробно место, цената зависи од тоа дали лицето имало претходен договор со претпријатието.

2. Драган Стефановски, рак. на одделение „Градски гробишта“,  ЈП „Исар“ – Штип
  • Тие што немаат договор, цената е 17.000 денари. Значи, тука спаѓа, право на користење на гробното место кое чини 8.500 денари, 8.000 денари е бетонската гробница и 500 денари одржување на гробиштата. Вкупната сума е 17.000 денари, истакна Драган Стефановски, раководител на одделение „Градски гробишта“ при ЈП „Исар“ од Штип.

Правото на користење го плаќаат сите, без разлика дали имаат стар договор. Кај оние со договори склучени во периодот од 1993 до 2008 година, кое како опција го нудеше претпријатието и за кое најповеќе беа заинтерсирани постарите граѓани, за да не им бидат на терет на семејствата после нивната смрт, пак, важи друг модел.

  • Имаше две врсти на договори, мал договор и голем договор. Малиот договор е 61 денар месечно, а големиот е 122 денари. Во малиот договор, кога ќе почине некое лице, јавното претпријатие и враќа на странката 6.170 денари, додека кај големиот договор следува една бетонска дупка во вредност од 8.000 денари, која не се наплаќа, и повторно им се враќаат 6.170 денари, додаде Стефановски.

Но, 500-те денари за одржување кои се дел од почетната сума не се единствениот трошок по оваа основа. Потоа следува и редовна наплата за одржување на гробиштата, се додека на пријавената адреса се испорачува и плаќа сметка за комунални услуги.

  • 41 денар месечно се плаќа одржување преку сметката за вода. Тоа е 500 денари годишно, вели Стефановски

Што дополнително се плаќа на гробиштата

Кога ќе се обезбеди гробното место, следуваат и трошоците за користење на инфраструктурата во градската капела и на гробиштата. Тука влегуваат ладилната комора, капелата, количката, одобрението за погреб и влезот на погребниот оператор.

  • За 24 часа, 1.000 денари е користење на ладилникот во капелата, 600 денари е изложување во капелата, 200 денари е користење количка, 500 денари ако се облекува лицето во градската капела и 200 денари е одобрението за погреб. Две илјади денари е влезот на операторот во градските гробишта, елаборира Стефановски.
3. Капела- Штип

Но, овие ставки имаат специфичен начин на наплата. Семејството не ги плаќа директно на „Исар“, туку тие му се фактурираат на приватниот погребен оператор, а тие им го наплаќаат на странките. Токму тука се прави границата меѓу она што го наплаќа јавното претпријатие и она што го наплаќа приватниот оператор. „Исар“ ја обезбедува инфраструктурата, но не ја формира конечната цена на самата погребална услуга. Затоа, од „Исар“ не можат да дадат една конечна цена за погреб од почеток до крај. Сумата зависи од услугите што ќе ги избере семејството и од цените што ќе ги формира приватниот оператор.

4. Погребална опрема- сликата е генерирана со помош на ВИ

Во моментот на градските гробишта има четири приватни оператори. По фиксните трошоци поврзани со гробното место и услугите на гробиштата, следниот дел од сметката го одредува приватниот оператор. Кај него веќе станува збор за самата погребна услуга и за она што семејството го добива за платената сума.

Зоран Ангелов, ко-сопственик на операторот за погребални услуги „Ласте-Мелита“ од Штип, вели дека основната цена со најевтин ковчег  е 29.500 денари, додека за поквалитетен се доплаќа.

  • После констатацијата на смртта, настапуваме ние со нашите услуги да направиме некролози кои не ги наплаќаме, да организираме спремање на човек, облекување, кое го наплаќаме. Ама се наплаќа, луѓето што облекуваат ги земаат тие пари. Не секој е спремен таа услуга да ја направи. Самата фамилија не може да го облече, и тука сме приморани ние да ја дадеме таа услуга. Е, откако ќе се закаже погребот, одиме на поставката во која се извршува погребот и се преземаат сите погребни дејствија, изјави Ангелов.

Во основната цена спаѓа, транспорт, ковчег, венец и крст, чинија, вино, зејтин, вода за раце миење за обредната пракса. Исто така, пченицата и бонбоните за послужување ги обезбедува операторот. Има и дел што семејството само треба да го обезбеди.

  • На луѓето им кажуваме, да си обезбедат свештеник, да си набават крпи и пиење за послужување на гробното место, додава Ангелов.

Ангелов вели дека најскапата варијанта нема однапред утврдена граница и дека зависи од барањата на семејството. Како пример го наведува ангажирањето на плех оркестар од Куманово за изведување погребни маршеви, што претставува дополнителен трошок. Од тука произлегува дека цената на погребот не е однапред ограничена на една фиксна сума, туку може да расте зависно од услугите и барањата на семејството.     

Што дозволува, а што не дозволува законот

Според измените на Законот за гробишта и погребални услуги, во чл. 4, став (2) стои дека, „вршењето на дејноста управување со гробишта и вршење на дејноста погребални услуги се неспоиви“ или поедноставно кажано, управителот на гробиштата и операторот на погребални услуги се две одделни дејности. Според член 17 пак, „управителот на гробиштата е должен да се грижи за управувањето и одржувањето на гробиштата, да води дневник и регистар за сите погребани лица, да воспоставува и води евиденција на носителите на гробни места, да го утврдува редот и работното време, да ја определува висината и наплатата на гробарината и да ја одржува инфраструктурата и придружните објекти“.

Исто така, „управителот на гробиштата е должен да обезбеди еднакви и недискриминаторски услови за пристап и користење на комуналната инфраструктура на гробиштата и придружните објекти на гробиштата на сите физички и правни лица кои имаат дозвола за вршење на погребални услуги…“ Тоа значи дека, ЈП како управител не смее произволно да фаворизира еден оператор или да спречува друг оператор со дозвола да пристапи до инфраструктурата.     

Според законската дефиниција, „операторот е субјект кој ги врши работите поврзани со преземање на починатото лице, превоз, чување, опремување и превоз до местото на погреб, погребување или кремирање.За да добие дозвола, член 21 поставува низа услови, меѓу другото, „регистрација во Централниот регистар за погребални и придружни активности, финансиска способност, осигурување, најмалку три вработени, соодветна опрема“ и, особено, „да не поседува дозвола за управување со гробишта“.

И црковниот обред има своја цена

За православен погреб се ангажира свештено лице. Свештеници од Брегалничката епархија се задолжени за црковна служба на штипските гробишта. На веб страница на епархијата нема истакнато ценовник за услугите, но во разговор со свештениците дознаваме дека основниот пакет чини 8000 денари. Сумата семејството ја плаќа директно во црковната каса. Во цената се опфатени повеќе услуги, опело на свештеник на самиот погреб и два парастоси, на деветиот и четириесетиот ден од смртта, црковен материјал (голема свеќа и мали свеќи, темјан, кандило и светена вода). Цената е повисока доколку семејството инсистира да бидат ангажирани двајца или тројца свештеници.

                         Последниот трошок – надгробниот споменик

Посебен дел од трошокот е надгробниот споменик. „Исар“ не ги изработува спомениците, туку тоа го прават приватни каменорезци кои имаат договор со претпријатието.

  • Моментално три каменорезачки фирми имаат важечки договори. За секој споменик, каменорезецот плаќа 12.000 денари на „Исар“. Со странката тие си договараат колку ќе чини споменикот, вели раководителот Стефановски.
5. Надгробни споменици

На веб-страниците на каменорезачките фирми кои работат на градските гробишта нема јавно објавени ценовници. Во разговор со претставник на една од нив дознаваме дека кај нив минималната цена за надгробен споменик е 850 евра, односно околу 52.500 денари. Според неговите наводи, најчесто клиентите избираат варијанта од околу 65.000 денари, додека најскапите споменици кај оваа фирма, со изработка и монтажа, достигнуваат околу 120.000 денари. Во сумата, како што ни беше кажано, е вклучена и таксата кон ЈП „Исар“.

Кога правилата се судираат со реалноста

Сето ова ставено на хартија изгледа јасно и недвосмислено, но дали така функционира и во пракса?

Ангелов е на став дека погребалната дејност не е обичен бизнис. Тоа е благородна професија во која, во моментот кога семејството е најранливо, операторот треба да покаже човечност, а не само да гледа на клиентот како на можност за заработка. Токму тука се прави разликата меѓу професионалниот однос и чисто деловниот интерес.

  • Тука не можеш само да бидеш добар деловен човек, тука мора да бидеш пред сè човек, вели Ангелов.

Но, според сведоштвата и поплаките до кои дојдовме, не сите во оваа дејност се придржуваат до истиот принцип. Наместо човечност и јасни правила, дел од граѓаните се соочуваат со ситуации во кои, според нивните наводи, им се нудат услуги и трошоци за кои не биле однапред информирани, а во најтешките моменти по загубата се чувствуваат изложени на притисок. Токму тука правилата од хартија се судираат со реалноста.

Проблемот не е само во висината на цените, туку и во тоа кога и како семејството дознава за дополнителните трошоци. Како пример, Ангелов посочува услуга за превоз, за која клиентот не бил информиран однапред, туку дури откако погребот ќе заврши.

  • Колегата пред да го изврше погребот не му најавува на семејството, а дури откако погребот ќе заврши му кажува дека возењето со неговото возило чини 1.000 денари. Дополнителни 1.000 денари се бара за возење во поворка. Ова е само еден пример за т.н. скриени трошоци, што се наплаќат од семејството, по завршувањето на услугата, а прерходно не се наведени, појаснува Ангелов.

Уште поголем проблем е меѓународниот транспорт. Цената се формира според изминати километри, но и трошоците за прибирање на соодветната документација. Тука, може да настане проблем кога семејствата ќе добијат значително различни понуди, без во нив однапред да бидат наведени сите трошоци.

  • Значи, наши сограѓани што ги донесуваме од странство, даваме цена со извршен закоп, комплет. И сега човекот си размислува, вика: „Чекај, Зоран дал, не знам, една понуда, а овој дава двојно поевтина“. Има голема разлика, некој не кажува нешто. И најчесто испаѓа дека тој што дал несразмерно помала понуда, не кажува нешто, па ќе му додаде цена за документи во амбасада и што ли уште не, вели Ангелов.

Токму ваквиот начин на наплата, вели тој, е една од причините поради кои дел од клиентите подоцна се одлучуваат за друг оператор.

  • Имаме конкурентски фирми, што во разговор со нивни поранешни клиенти, дознаваме дека им фактурирале 70 крпи, кои воопшто ги немало. Коментарот на ќерката на починатиот беше: „Па како тоа 70 крпи? Ако навистина беа поделени 70 крпи, кога после погребот дојдоа кај мене на кафе, ќе изгледаше како да доаѓаат од плажа, раскажува Ангелов.

Според него, има и случаи кога на семејствата им се наплаќаат количества храна и други материјали кои не одговараат на реалната потрошувачка.

  • Имаме погребални оператори што наплаќаат 300 денари пченица, што наплаќаат бомбони и фактурираат 7 килограми бомбони дека потрошиле. Тоа е смешно, тоа е невозможно. Нашата потрошувачка на бонбони на месечно ниво е 20 до 30 килограми и тоа зависи дали се послужуваат или се оставени до свеќите, тврди Ангелов.

Меѓутоа, приказната е многу посериозна и го опфаќа целиот систем. Според Ангелов, проблемот не завршува со тоа што му се фактурира на семејството.

  • Погребалниот бизнис е систем поврзан од повеќе учесници. Значи, учесник е и болница и брзата помош. Тие што ја прават констатацијата на смртта. Процедурата е следна, после констатацијата на смртта треба да се јави на фамилијата. До скоро јавуваше обезбедувањето од болниците. И имаме проблем, вели Ангелов.

Според неговото сведоштво, токму тука се случувала практика во која одредени оператори им давале пари на лица од обезбедувањето за да добијат информација за смртниот случај и контакт со семејството.

  • Тоа е јавна тајна.  Нудено ми е и на мене да работиме, додава Ангелов.

Според Ангелов, во постапувањето по случаи со смртни последици е вклучена и полицијата, а начинот на кој се повикува погребален оператор отвора дополнителни прашања. Доколку се случи сообраќајна несреќа, по наредба на основниот јавен обвинител се повикува операторот, но во пракса тоа го прави полицијата, на начин што фаворизира само една фирма во градот.

  • МВР е првата и единствената што не треба да има интерес кој погребарен оператор ќе дојде, односно треба да дојде најспремниот погребален оператор што може да ја заврши работата, според нивни стандарди, вели Ангелов.

Oдговорноста во оваа дејност не се мери само со тоа дали на семејството му е наплатена реална или дополнителна услуга. Ангелов сведочи и за случај во кој, како што тврди, починат човек бил погрешно, односно наопаку погребан.

  • Ова е единствена професија во која немаш време да исправиш грешка. Наместо да му ја стават главата под крстот, му ја ставиле кај што треба да бидат нозете, раскажува Ангелов.

Со проблемите се запознаени и во општината. До локалната самоуправа пристигнуваат поплаки за начинот на кој дел од услугите им се нудат на граѓаните, а дел од нив пријавуваат постапување кое го доживеале како притисок или злоупотреба.

Штипјанка, која неодамна претрпела загуба во семејството, побарала помош од локалната власт поради спор околу изработката на надгробен споменик. Поради страв од дополнителни притисоци и заради личната безбедност, нејзиниот идентитет и деталите кои би можеле да доведат до нејзино препознавање нема да ги објавиме. Според нејзиното сведоштво, во периодот по погребот била контактирана од лице кое понудило да изработи надгробен споменик. Според неа, цената била соопштена усно, без да биде склучен писмен договор и без семејството да даде конкретна согласност работата да започне. Кога семејството подоцна се определило за друга понуда, според нејзиното сведоштво, лицето побарало да му бидат надоместени трошоци за кои тврдeло дека веќе ги направило, а семејството го доживеало тоа како притисок.

6. Градоначалник на Штип, Иван Јорданов

Градоначалникот Иван Јорданов вели дека е запознаен со конкретниот случај и дека вакви поплаки добива и од други граѓани. Бидејќи најголем дел од нив стигнуваат по телефон, тие не се заведени во официјална архива на општината.

  • Ова не е изолиран инцидент. Јас такви поплаки и апели за помош од граѓани добивам на дневна основа. Во тој сектор владее вистинско безредие, почнувајќи од самиот погреб, па се до изградбата на надгробен споменик. Жално е што во битката за профит помеѓу операторите, крајниот цех го плаќаат граѓаните, ниту криви, ниту должни. Тоа е дополнителен и финансиски и психички товар за едно семејство кое веќе изгубило свој член и кое претпрело ненадоместлива загуба, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

На ова се надоврзува и сведоштвото на Ангелов, кој вели дека проблемот не е само во цената, туку и во начинот на кој дел од споменичарите им пристапуваат на семејствата.

  • По моите информации, најголеми маржи и најголема можност за заработка, а да немаат стрес и проблеми што ние ги преживуваме, се споменичарите. Не бива, не може, додека трае погребниот обред, споменичарот да се движи тука, да чека, да вреба прилика за да направи контакт. Не бива така, додава Ангелов.

Пред два и пол месеци градоначалникот на прес конференција побара надлежните институции да ги засилат инспекциските контроли и да утврдат дали операторите работат согласно законските прописи.

  • Секое плаќање мора да биде фискализирано, а доколку не е, немаат обврска да го плаќаат, затоа што на тој начин се врши ценовна злоупотреба на штета на граѓаните. Дополнително, апелирам до надлежните институции, заеднички да направиме контрола на работењето на операторите, затоа што имаме сериозни индиции дека се работи на штета на буџетот на граѓаните и дека имаме секојдневни ценовни злоупотреби за услугите кои ги добиваат од операторите, изјави на прес конференција од 20.07.2026, Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Од УЈП побаравме информации за преземените активности. Во писмениот одговор се наведува дека Управата контролирала седум даночни обврзници од погребалната и сродните дејности во Штип.

Според УЈП, „контролите кај даночните обврзници од дејноста погребални сервиси се отворени уште во јули 2025 година, врз основа на анализи на годишни сметки и даночни пријави. Предмет на контролите се даночните обврски, претежно ДДВ и данок на добивка, за периоди кои во најголем дел се движат од 2020/2021 до 30 јуни 2025 година“.

Особено важен податок е дека УЈП не може да потврди дали меѓу седумте контролирани даночни обврзници е и конкретниот оператор кој работи на градските гробишта во Штип.

  • Поради даночна тајна не можеме да потврдиме дали конкретен, именски определен оператор на градските гробишта во Штип бил предмет на контрола. Можеме да наведеме дека контролите опфаќаат периоди од работењето претежно заклучно со 30.06.2025 година, со различен почетен период по обврзник, велат од УЈП.

На национално ниво, контролите опфаќаат и други регионални дирекции. Кај дел од контролираните, според УЈП, веќе се утврдени наоди поврзани со пријавувањето на прометот.

  • Информираме дека контролите се спроведени кај регистрирани даночни обврзници. Утврдените наоди по ДДВ и данок на добивка укажуваат на непријавен/недоволно пријавен промет кај дел од обврзниците, што резултираше со дополнително утврдени даночни обврски, велат од Управата.

Од УЈП дополнуваат дека кај дел од субјектите станува збор за даночен долг и камата, додека кај други контролата завршила без утврдени неправилности. Во еден од предметите што го наведува Управата се работи за производство на погребални сандаци, надгробни крстови и венци. Колкави се дополнителните даночни обврски и кај кои субјекти се утврдени, УЈП не открива поради даночната тајна. Поголемиот дел од постапките сè уште не се конечни, дел се во фаза на нацрт-записник, дел се во тек, а за одредени предмети се чека понатамошно постапување согласно автентичното толкување на Собранието. Од УЈП не исклучуваат ниту нови контроли, доколку тоа го покажат понатамошните анализи на ризик.

                   Конечната сметка

Кога ќе ги собереме сите конкретни ставки што ги утврдивме, добиваме три сценарија. Во најевтината варијанта, со најевтиниот надгробен споменик од околу 52.500 денари, едно погребување чини околу 107.000 денари. Во просечната варијанта, со споменик од околу 65.000 денари, вкупниот трошок е околу 119.500 денари. А со најскапиот споменик од околу 120.000 денари, сметката достигнува околу 174.500 денари. Во овие суми се вклучени гробното место и бетонската гробница, основната погребална услуга, капелата и поврзаните услуги, црковниот обред и надгробниот споменик. Разликата меѓу најевтината и најскапата варијанта е 67.500 денари. Но, ова се основни сценарија. Сметката може да биде и повисока доколку семејството избере поскапа опрема или дополнителни услуги.

Во моментите кога семејството се соочува со загуба, просторот за споредување цени, преговарање или преиспитување на понудената услуга е ограничен. А токму затоа транспарентноста на цените, јасното раздвојување на надлежностите и контролата на работењето се особено важни. Во оваа истрага не ги утврдивме сите наводи што ги изнесоа нашите соговорници, ниту пак сите постапки можат да се оценат како незаконски. Но, сведоштвата, поплаките, различните цени и податоците од институциите отвораат прашања што одат многу подалеку од самата конечна сметка, кој ја одредува цената, колку однапред се информира семејството и дали во моментот на најголемата ранливост граѓаните навистина имаат слободен избор.

Овој текст е изработен во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, поддржан од Владите на Швајцарија и Шведска во Северна Македонија и имплементиран од Националниот демократски институт (НДИ). Содржината на овој текст е единствена одговорност на авторот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на проектот, донаторите или имплементаторот.  Швајцарија и Шведска не мора нужно да ги делат ставовите изразени во овој текст.

Новинар

Трајан Ристовски