
Од утре започнува првиот уписен рок за средношколците на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Идните студенти имаа можност од 1 јули годинава електронски да направат профил и да ги поднесат потребните документи, со цел да не се создаваат дополнители гужви при уписите, а начинот да биде побезбеден и побрз.
„25., 26. и 27. ќе бидат отворени сите уписни места по сите градови на УГД и сите оние коишто веќе се пријавени во системот, ќе можат да поминат и да ги остават своите документи. Но не само овие денови, туку Универзитетот е отворен и понатаму, па сите можат да ги остават своите документи на посочените места коишто ги има на нашата интернет страна. Без разлика дали доаѓаат од Струмица, а се интересираат да студираат во Штип, можат да го направат тоа во Струмица и можат да ги остават своите документи таму. Тоа се однесува и на сите други наставни центри. Вториот уписен рок е на 10., 13. и 14 септември. Третиот уписен рок е 23. и 24 септември“, истакна проректорот, проф. д-р Мишко Џидров.
УГД со своите 15 единици, односно 12 факултети и 3 академии има слободни околу 4100 места за идните средношколци.
„Мора да споменеме дека оваа година станува збор за нови акредитирани студиски програми, вкупно околу седумдесетина, во кои што се обновени, односно се подобрени од претходните и се направени поатрактивни за сите заинтересирани средношколци. Идните студенти можат да влезат на сајтот на УГД, да ги погледнат студиските програми, да ги погледнат професорите коишто ќе им предаваат и многу лесно преку нашиот систем за аплицирање да поднесат документи“, додаде Џидров.
Како и претходните години и годинава факултетот ги ослободува од плаќање партиципација дел од студентите. Оваа година партиципација за прв и втор семестар нема да плаќаат студените на Филолошки факултет, на Катедрата за македонски јазик, а ослободување ќе има и за најдобрите десет студенти на други насоки. Наставата на УГД започнува онлајн.
Лаура Стојанова МНет