Драган Маринковиќ – Маца со голем поздрав до МНет на комичниот стенд – ап перформанс во Пробиштип

„Љубители на комедијата, хуморот и смеата, добра ви вечер и добредојдовте на третата по ред стенд – ап комедија. Сите вие што сте дојдени овде, вакцинирани, прележани и останати, добровечер и да знаете дека сте на вистинското место.“

Вака вчеравечер започна стенд-ап комедијата на босанскиот актер и комичар Драган Маринковиќ – Маца. Општина Пробиштип на граѓаните им понуди една интересна, комична и несекојдневна вечер преку перформансот „Маца глу – добредојдовте на терапија“, како и преку комбинацијата од монодрама, мелодрама, кабаре и раскажување приказни во истиот. Автентичноста при изведбата во личен стил е она што даде посебен шарм, ја истакна допадливоста и симпатичноста.

„На некој начин сакаше да го одврати она секојдневие предизвикано од Ковид – 19. Значи, да се навратиме на добри, на убави теми. Ова е трета по ред стенд – ап комедија којашто ја организираме. Се надеваме дека успеавме во тоа да ги насмееме луѓето“, зборуваше Радослав Илиевски, раководител на одделение за односи со јавност за јавни дејности

Актерот, режисерот и комичарот Маринковиќ го искажа своето задоволство од ваквото шоу во Пробиштип и истакна дека се надева на повеќе настапи и во други градови од Македонија.

„Голем поздрав до луѓето од МНет Телевизија од Штип. Големо задоволство ми е што сум овде. Поздрав за Пробиштип, Штип, за цела Македонија. Долго не бев во Македонија, но сега на мое огромно задоволство со сите мерки и околности успеавме да го израдуваме мноштвото млади и нешто помалку младите во овој помал град, така што, здравје Боже, се гледаме и во Штип и во цела Македонија. Ви посакувам да бидете здрави, среќни, насмеани и такви да останете. Тоа да биде смислата на нашето битисување“, рече Маринковиќ.

Ваквите манифестации се во склоп на топлото културно лето во Пробиштип. Програмата е полна до крајот на оваа недела со оглед на тоа што и самата недела е посветена на спортот и културата. На 26 ќе биде организирана романтична вечер со „Трио Џентлмен“, „Тринити стрингс“ и Страшко Милошевски, којшто рецитира љубовна поезија. Понатаму следува концертот на „Мијата“, а истото ќе биде завршено со свечена седница на 27 август по повод Денот на Пробиштип, Денот на рударите и големиот православен празник Голема Богородица. На тој начин ќе се заокружат сите културни настани организирани во Пробиштип во текот на летото.

Настаните се одржуваат со сите пропишани протоколи за заштита од Ковид – 19.

Ребека Спасова МНет