Пет починати лица за едно деноноќие во штипската модуларна болница, едно од нив вакцинирано со две дози

Пет починати лица за едно деноноќие регистрирани во Клиничка болница Штип како последица од Kовид – 19. Едно од починатите лица било вакцинирано со две дози вакцини, информираат од болницата. Најмладиот починат пациент овде имал 56 години.  Истовремено, хоспитализирани се 34 пациенти од кои дури 76%, односно 26 пациенти се со потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка. Од нив само седум пациенти се вакцинирани, а слободни се 13 ковид кревети, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. Во последното деноноќие четири лица се регистрирани како оздравени, но шест се ново примени. Расте бројот на новоинфицирани пациенти со Ковид – 19. Бројката на активни случаи моментално во државата надминува 11 илјади, се зголемува и притисокот врз болничките капацитети бидејќи болниците се полнат со лица позитивни на Ковид – 19.

Во Кочани сè уште нема најава за отворање на модуларната ковид болница, бидејќи, како што посочи директорот на болницата, Александар Серафимов, нема лица со потешка клиничка слика. Но, доколку се потполни капацитетот на модуларната болница во Штип и има потреба, ќе се отвори и модуларната во Кочани, додаде Серафимов.

Заклучно со вчера, во градовите од Истокот активни се 535 ковид случаи, најмногу во Штип, а најмалку во Македонска Каменица. На ниво на државата нема град без активни ковид случаи, односно еден ковид пацинет е регистриран во Дојран.

Лаура Стојанова МНет