Од први јануари струјата поскапува за 2,28 отсто

Од 1 јануари струјата поскапува во сите потрошувачки блокови, одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Зголемувањето ќе се движи од 2,45 до 3,84 отсто, додека евтината тарифа ќе биде повисока за 2,5 проценти. Според одлуката, цената во првиот блок ќе порасне за 2,45 отсто, во вториот за 2,87, во третиот за 3,32, а во четвртиот блок за 3,84 проценти. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски, информираше дека предложеното поскапување од ЕВН Хоум било значително повисоко – од 7 до речиси 12 отсто, но Комисијата, по направени анализи, донела коригирана и, како што рече, оправдана одлука.

„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергентите што Регулаторната комисија за енергетика ги регулира или контролира, како и досега така и денес, ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за „ЕВН хоум“. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата што користат електрична енергија во првиот и во вториот блок ќе се зголемат за 2,59 %, а оние што имаат потрошувачка и во третиот блок – сметката ќе се зголеми 2,79 %“, изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

За околу 85 проценти од домаќинствата, зголемувањето на сметките ќе изнесува меѓу 57 и 70 денари месечно, додека најголем удар ќе почувствуваат околу 14 илјади домаќинства со повисока потрошувачка, кај кои сметките може да пораснат и до 370 денари.

РКЕ одлучи да не се укинува надоместокот од 200 денари за мрежарина, со образложение дека негово укинување би значело значително поголемо поскапување, особено кај евтината тарифа.

Иван Митев, М-Нет