
Баби, Дузлак, Три чешми, Плуждино, Стари бунари – ова се најатрактивните локации на кои Општина Штип планира да продаде земјиште. Главно, станува збор за парцели со намена индивидуално или колективно домување, но има и такви кои се наменети за индустриски капацитети или комерцијални објекти. Вкупно 157 парцели се дел од Програмата за располагање со градежно земјиште кое е потенцијален простор за продажба на Општината, во моментов во тек се два јавни повика за седум парцели, а на последната седница на Советот Програмата беше дополнета со уште две градежни парцели.
„Се создаде можност на заинтересираните субјекти да се понуди можност на продажба две градежни парцели, поради што му предлагаме на Советот да се изврши дополнување на Програмата за располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија за 2023 година“, вели Лазар Хаџи-Николов, Одделение за урбанизам при Општина Штип.
Новите две парцели се во населбата Автокоманда и во м.в. Стари бунари, за првата вцртана е маркица за колективна станбена зграда со приземје и девет ката, а за втората маркица за мал комерцијален објект со два ката.
„На начин што во делот Обем и преглед на градежно земјиште точка 158 да се дополни со парцела дел од населба Автокоманда, а точка 159 со парцела кај „Стари бунари““, додаде Хаџи-Николов.
И минатата година во Штип имаше неколку повици за продажба на парцели преку јавно наддавање. Само во една прилика, кога беа понудени 12 градежни парцели, се продадоа 10, а Општината за истите прибра над 54.000.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет