Земјиштето кај Старо нервно во Штип сѐ уште е „статус кво“, Универзитетот нема надлежност да гради

Штипскиот универзитет сѐ уште располага со земјиштето кај Старото нервно, кое според урбанистички план е предвидено за студентско сместување. Меѓутоа, таму сѐ уште нема никаква активност, а како што вели ректорот, Дејан Мираковски, изградбата на студентски домои е примарна надлежност на Министерството за образование и наука.

„Тоа е доделено на нас, на Универзитетот кој има права на користење на целиот тој простор. Таму, барем според урбанистичките планови, планирани се објекти за сместување на студентите или студентски домови, меѓутоа ние немаме материјални ресурси. Прво, студентските домови се примарна надлежност на посебен сектор во Министерството за образование и наука, Универзитетите не ги ниту градат, ниту ги контролираат директно студентските домови, туку ги има Сектор за студентски стандард во рамки на МОН и тие ги градат студентските домови“, вели Мираковски.

Земјиштетото сѐ уште ќе остане на „статус кво“, бидејќи иницијатива за негово враќање нема. Според Мираковски, таквиот проект е одлична можност Штип да прерасне во студенски центар и затоа тие ќе иницираат изградба на сместувачки капацитети со студенти во соработка со Локалната власт и МОН.

„Нема иницијатива во која ние го враќаме земјиштето, такво нешто нема и нема да го направиме. Тоа е, сепак, во интерес на студентите. Штип има потенцијал да прерасне во студентски центар, во универзитетски град којшто ќе овозможи да доаѓаат студенти од повеќе држави и, еве, ако во европските центри има 30% странски студенти, ние сѐ уште ја немаме достигнато просечната бројка. Сметам дека има потенцијал за раст и за градот и за регионот е добро да се направат такви сместувачки капацитети и ние ќе иницираме за нивна изградба со Локалната самоуправа и МОН“, додаде Мираковски.

Во една прилика и од Локалната самоуправа посочија дека парцелата нема да ја бараат и земат. Напротив, ќе се направат напори да се најде начин како просторот да се искористи.

Ребека Спасова М-Нет