Одбраната на Саса е решето, ќе можат ли „рударите“ до опстанок во Втората лига !?

Второлигашот од Македонска Каменица, екипата на Каменица Саса во пролетниот дел ќе биде пред тежок предизвик да го обезбеди опстанокот во Втората македонска фудбалска лига.

Повеќе од јасно е дека во Саса ќе мора да се случи комплетен ремонт за да може во пролетниот дел екипата да стигне до посакуваната цел односно опстанок во второлигашкото друштво.

Одбраната на Саса е како решето, имаат примено најмногу погодоци оваа есен дури 31 гол на 15 натпревари или во просек „рударите“ примиле по два гола на секој натпревар.

Ако се погледне ефикасноста на нападот, ниту тука не е сјајна Саса, само 16 постигнати погодоци на 15 натпревари или во просек по еден гол на натпревар.

Саса од 15 одиграни есенски натпревари забележа само една победа, на пет натпревари ремизираше, а запиша дури девет порази, со што „рударите“ на своето конто имаат само осум бодови.

Шансите за опстанок на Саса се реални, но во пролетниот дел нема право на грешки. Четири бодови е разликата во однос на 14. место односно бараж зоната каде што е Осогово со 12 бодови, а пак седум бодови во однос на 13. место кое гарантира директен и сигурен опстанок во Втората лига.

Седум бодови е реална достижна бодовна разлика и можност за сигурен и директен опстанок, но во Саса мора да се вклучи црвениот аларм и за време на зимската пауза да се направат големи промени со цел рано и сигурно да се обезбедат бодови кои ќе гарантираат опстанок, поучени од минатата сезона кога Саса во последните кола го обезбеди опстанокот.

Пролетниот дел екипата на Каменица Саса го отвара во Автокоманда против ланскиот прволигаш Скопје.

АВТОР: Александар Ванев