Нов распоред за Задушница во Штип, помен во петок на парцелата над капелата, во сабота под капелата

Со цел да нема гужви и долги чекања на гробиштата за време на Митровденската Задушница, Брегалничката епархија воведува нов распоред за верниците во Штип. Наместо сите да чекаат по еден свештеник со часови, годинава помените и молитвите за покојните ќе се извршуваат во петок попладне над капелата – на делот познат како нови гробишта, а во сабота наутро под капелата, на стариот дел. Промената доаѓа со благослов на митрополитот брегалнички господин Иларион, со цел празникот да помине достоинствено, мирно и без метеж. Деталите ги објасни протојерејот Добрица Јанев.

,,Повеќе години се соочуваме со фактот дека градските гробиштата за жал се многу раширени, се рашируваат, а свештеници сме осум или девет свештеника, кои можат да ги обслужат градските гробишта. Со благослов на митрополитот брегалнички господин Иларион најдовме конкретно решение исклучливо за во Штип, еден вид нови насоки за чествување на Задушница. Идејата е верниците да не чекаат, по час, час и половина за да дојде свештеник. Одлучивме во петок попладне од 14 часот, па се додека има верници на гробиштата да ја обслужиме парцелата над капелата градска, значи кај народот е тоа познато под името нови гробишта. Велам капелата, односно над капелата оваа парцела што оди накај новакова чешма и дел од малата парцела кај паркингот. Доколку некој не може да дојде на Задушница во тие термини во градската црква ќе имаме дежурен свештеник.“ рече Јанев

Новата организација продолжува и следниот ден – со помени под капелата, за секој верник да има можност во спокој и без турканица да се помоли за своите најблиски.

,,Веќе во сабота од 8 часот па до 12 часот ќе бидеме во делот под капелата познати како стари гробишта и радовишки пат како е познато сега најновите парцели кај нашиот народ. Значи во сабота сабајле ќе бидеме на тој дел сите свештеници. Како што рековме дека во петокот ќе бидеме сите свештеници над капелата, во сабота ќе бидеме под капелата. Секој оној кој што нема да може да дојде од било која причина, а сака исто ќе има дежурен свештеник во градската црква Св. Никола за да си направи мал спомен. Се надевам дека нашите верни ќе наидат на разбирање и кога ќе подразмислиме малку, ќе се скрати времето на чекање, а ќе се скратат и гужвите.“, додава Јанев

Всуштината на празникот останува непроменета – за Задушница потребни се пченица, вино и свеќи, а секој може да повика свештеник за мал помен за покојните. Разликата годинава е само во времето, со цел да се избегнат долги чекања и гужви на гробиштата. Ова важи исклучиво за Штип, а од сега Брегалничката епархија ќе се раководи според оваа пракса, за празникот да помине достоинствено и мирно за сите верници.

Иван Митев, М-Нет