Нови засилувања за Еурофарм Пелистер 2, Алкалоид триумфираше на двата теста против Египет, Костадиновски во Струга

Македонските ракометни суперлигаши продолжуваа со проверни преку одигрување на пријателски натпревари за проверка на формата пред стартот на новата сезона.

Екипата на Алкалоид двапати ја доби медитеранската репрезентација на Египет на тест-натпревари одиграни во Автокоманда.

На првиот натпревар момците на Кирил Лазаров со 33:31 беа подобри, а на вториот меч одново Алкалоид беше подобар овојпат со 31:29.

Со пријателски натпревари започна и повратникот во Супер лигата, Младост од Богданци кој вчера загуби од Куманово со резултат од 30:24, а за тимот на Куманово ова беше нов триумф за време на подготовките откако го доби претходно Еурофарм Пелистер 2 со резултат од 32:30.

Пред тимот од Богданци следуваат настапите на турнирот во Прилеп, а потоа Младост на домашен терен ќе одигра уште еден контролен меч против Куманово.

Еурофарм Пелистер 2 продолжува да се екипира за новата сезона, откако го промовираше 18-годишниот Мартин Крстевски од Мулти Есенс за најново засилување. Крстевски игра на позицијата среден бек и се очеквуа да биде одлично засилување и освежување во тимот од Битола.

Новото засилување на битолчани е младински репрезентативец на Македонија.

Струга е пред потпис со Кристијан Костадиновски, битолскиот голман се враќа во Суперлигата, откако минатата сезона го чуваше голот на Младост од Богданци во Првата лига. Костадиновски веќе настапи за Струга за време на струшкиот турнир, а се очекува во следните денови двете страни да стават потпис на договор за соработка.

Александар Ванев, М-Нет